Oграничувањата го зголемуваат ризикот од небезбеден абортус

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Абортус - право на избор или дозвола за убивање?

Македонското законодавство дозволува абортус по лично барање на жената во првите десет недели од бременоста. Но од 2013 година има законски одредби кои мора да бидат исполнети пред да им се одобри барањето за абортус. Активисти за човекови права се уште бараат укинување на рестриктивните законски одредби.

Абортусот во Македонија е предмет на стигма која и натаму е тесно поврзана со стереотипите дека примарната улога на жените во општеството е улогата на мајка и сопруга. Ова е заклучокот на истражувањето кое невладината ХЕРА и Центарот за репродуктивни права го спровеле во периодот од април до јули минатата година, а кој ги испитува ставовите и искуствата за новите законски одредби за абортусот на неколкумина жени, гинеколози, социолози и претставници на невладиниот сектор. Во едно од интервјуата една жена објаснува дека до крај ја износила несаканата бременост бидејќи лекарите одбиле да и пружат законска нега поврзана со абортусот и информации за тоа каде и кога може да ја прекине бременоста. Наместо тоа, ја осудувале.

„Отидов кај гинекологот бидејќи јас веднаш знаев што сакам да направам, не сакав да размислувам, не сакав да чекам, некој да ме убедува, туку веднаш сакав, пак во повозрасни години сум... Докторката ми кажа дека абортусот се косел со нејзините религиозни убедувања,“ раскажува една 36 годишна жена.

По три недели барање начин да добие легален абортус, жената одлучила да ја износи целата бременост. На крај сепак се одлучила детето да го даде на посвојување, бидејќи не можела да се грижи за него.

Македонското законодавство дозволува абортус по лично барање на жената во првите десет недели од бременоста. По овој период абортусот е легален кога животот или здравјето на жената се во ризик или поради одредени социо-економски причини или кога бременоста е резултат на кривично дело, како и во случаи на фетални аномалии. Но, во 2013 година се воведоа законски одредби кои мора да бидат исполнети пред да им се одобри барањето за абортус на жените. Овие услови вклучуваат писмено барање на жената која сака да изврши абортус, задолжително советување и тридневен период на чекање по советувањето низ кој жените мора да поминат од моментот кога ќе побараат абортус до спроведувањето на процедурата.

Росана Јаневска од невладината ХЕРА вели дека постоечкото решение е рестриктивно и понижувачко за жените.

„Априори законодавецот тргнува од тоа дека бременоста носи секогаш позитивен исход за човекот. Меѓутоа не мора да значи дека тоа е така. Дали бременоста носи предности или ризици, тоа е лично прашање за секоја жена и зависи од нејзините емоционални, културни, социјално-економски прилики во конкретниот момент и на крајот на краевите зависи од нејзините потреби и перспективи дали сака или не да ја продолжи бременоста, па оттука постои директно мешање на државата во приватноста на жената иако станува збор за едно многу интимно прашање,“ вели Јаневска.

Новите законски одредби за советување, усвоени во Македонија во 2013 и 2014 година бараат од жените да направат задолжителен ултразвучен преглед пред абортусот и да им биде покажана сликата од фетусот на ултразвук за време на задолжителното советување пред абортусот. Овие одредби исто така наложуваат дека на жените мора да им идат кажани сите анатомски и физиолошки карактеристики на фетусот за дадената гестациска возраст како и ефектите кои абортусот ќе ги има врз фетусот. Сите интервјуирани жени во горенаведеното истражување, кои морале да поминат низ задолжителниот период на чекање по советувањето велат дека тој немал влијание врз нивната веќе донесена одлука да ја прекинат бременоста и дека не сметаат дека овој услов е корисен.

Адвокатката Наташа Бошкова, правен советник во невладината „Маргини“ раскажува за случај во кој жена чие барање за абортус било одбиено и од првостепена и второстепена комисија и од Управниот суд го пробила терминот за легален абортус и на крај била принудена да го роди детето.

"Жената се породи на крај додека сите инстанци во текот на постапката ја донесат одлуката и се покажа во пракса дека онаа првостепена и второстепена комисија е исто така проблематична и тоа е нешто што со новиот закон мора да се ревидира, да се осмисли некаков механизам кој ќе биде брзоодлучувачки и дека воопшто не смее да постојат тие комисии, евентуално само ако е проблематична здравствена состојба на жената или плодот, да има стручен конзилуим кој ќе даде стручно мислење, но тоа да не биде преку комисии кои само одземаат време и практично го изложуваат на ризик здравјето и животот на жената, која тогаш би побарала друг начин за да ја прекине бременоста," вели Бошкова.

Нема емпириски податоци дека законот го зголемил наталитетот

Инаку, измените на законот за прекин на бременоста кои Собранието ги донесе на 10 јуни 2013 година по скратена постапка, предизвика лавина реакции во јавноста. Додека Парламентот расправаше, а потоа и го донесе Законот, граѓанските организации протестираа пред зградата на Собранието, укажувајќи дека овие измени во Законот за прекин на бременоста ќе ја вратат земјава педесет години назад во заштитата на здравјето и правата на жената.

На 27 септември 2013 година Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, во соработка со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Реактор и професорката Каролина Ристова Астеруд до Уставниот Суд на РМ поднесоа Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Законот за прекинување на бременоста. Со иницијативата беа опфатени 16 спорни членови од Законот, кои, според подносителите на иницијативата, ги ограничуваат, уназадуваат и делуваат рестриктивно врз репродуктивните права на жената. Една година подоцна, во октомври 2014 година, Уставниот суд расправаше, но не поведе постапка за Законот за прекинување на бременоста. Судот сметаше дека Законот не ја доведува во прашање слободата на одлучување, туку само ја уредува постапката и им ја доверува на стручните лица од комисиите, сметаа мнозинството уставни судии.

Во 2015 година, Комитетот за човекови права на Обединетите нации и порача на Македонија да го смени законот од 2013 година, со кој здравјето и животот на жената се ставаат под ризик.

Јаневска посочува дека не постојат емпириски податоци дека ограничувањата на абортусите, влијаат врз зголемување на наталитетот. Другата негативна страна на овој закон е опасноста од нелегалниот, односно небезбеден абортус за кој жените се одлучуваат со цел да ја избегнат сложената и долга процедура согласно законот.

„Во секоја земја постои темна бројка на абортуси. Ние како организација не се занимаваме со тоа прашање, тоа е прашање кое треба да го истражат органите на прогонот. Меѓутоа Светската здравствена организација тргнува од тоа дека секое ограничување влијае на пристапот на жената до безбеден абортус односно ја зголемува можноста за небезбедни абортуси коишто ќе се вршат во неконтролирани услови,“ посочува Јаневска.

На иста линија е и Бошкова.

„Ако законот имаше за цел да ги намали прекинувањата на бременост не ја постигна. Само може да го зголеми бројот на нелегални абортуси за кој всушност немаме бројки. Тоа всушност треба да биде една од целите на законот, да биде толку либерален за да ние може да ги евидентираме сите абортуси и согласно бројката да ги преземаме мерките“, вели Бошкова.

Уште една лоша страна на актуелниот закон се смета дека се високите парични казни кои се предвидуваат за оние кои ќе прекршат одредбите на законот. Казните достигнуваат висина до 50 000 евра за здравствените установи и до 6000 евра па дури и казна затвор до три години за здравствените работници кои ќе го прекршат законот.

Потребни се сеопфатни мерки за регулирање на сексуалното здравје

Политиката за регулирање на сексуално здравје не се води само преку рестриктивен закон за прекинување на бременост, велат упатените според кои потребни се и други мерки кои подразбираат на пример пристап до контрацепција, односно контрацептивни лекови на позитивната листа, што во моментот не е случај, понатаму информации за репродуктивно здравје и безбедно однесување, значи подигнување на свеста за контрацепција и слични мерки кои ќе бидат во насока на превенирање на бременоста.

Од септември минатата година на иницијатива на министерството за здравство формираше работна група која работи на ревизија на постоечкиот закон, чија цел треба да биде укинување на рестриктивните одредби и олеснување на пристапот на жената до безбеден абортус. Очекувањата се дека до крајот на годината ќе се донесе нов закон кој ќе биде усогласен со меѓународните стандарди.

Професорката Мирјана Најчевска вели дека во моментот постои контрадикторна ситуација, која на една страна ги става државите кои бараат либерализација на абортусот и една конзервативна струја која ја бутка целата страна назад преку донесување на ретроградни закони и го враќаат забраната на абортусот на дневен ред, како дел од заштита на конзервативно-традиционалниот начин на живеење во кое жената има одредено место поврзано со мајчинството.

„Донесувањето на овој ретрограден закон и во РМ воопшто не беше поврзано ни со зголемување на наталитетот, бидејќи не постојат такви докази коишто би можеле да бидат дадени во прилог дека со ваков закон за забрана на абортусот се зголемува наталитетот. Овој закон и тоа се виде многу јасно од тогашните настапи на владејачката структура, беше донесен како дел од враќањето на конзервативниот, патријархалниот начин на живеење во којшто жената пред се се поврзува со домот и раѓањето.“, вели Најчевска.

Токму затоа, за Најчевска е несфатливо зошто актуелната социлајдемократска власт не реагира итно на промената на една ваква законска регулатива.

„Наместо да го одложува менувањето, таа го развлекува, се формира работна група која одново и одново ги преџвакува аргументите коишто беа давани во изминативе многу години од донесувањето на законот па и пред тоа и ги доведува во ситуација жените и понатаму да не можат да го остварат својот слободен избор, ги загрозува нивните животи и го овозможува пробивот на се она што претставува нелегално во процесот на здравствената заштита на жената,“ вели Најчевска.

Медикаментозен абортус, да или не?

Во меѓувреме, невладиниот сектор работи на иницијатива за воведување на таканаречениот медикаментозен абортус, односно абортус со помош на лекови, кој според препораките на СЗО и лекарите се смета за многу побезбеден доколку се врши со надзор од лекарите.

Доктор Душко Филиповски од Здружението на матични гинеколози смета дека во земјава се применува најсуровиот начин на прекин на бременоста.

„Насекаде во светот ова што се работи кај нас, не се работи. Најсуровиот начин на прекинување на бременост е овој којшто се спроведува кај нас. Колегите на запад да знаат како работиме, ќе ни ги скинат дипломите,“ вели Филиповски.

Иако официјално во нашата земја медикаментозниот абортус не е пропишан со закон, стручната фела посочува дека истиот се спроведува. Потребните лекови за овој вид абортус пациентките ги набавуваат од соседните земји, вели доктор Филиповски.

„Медикаментозниот абортус не носи никаков ризик ако е под контрола на гинеколог. Ризик има ако е самоиницијативно, како што сега на црно сe даваат таблети, има колеги кои ги имаат во фиока или пак друг начин е кога пациентките сами си кажуваат една на друга и таблетките многу лесно се набавуваат во најблискиот град кога ќе поминете граница, во првиот град од Бугарија, од Грција во Солун, при влезот во Србија, во Лесковац на пример слободно се купуваат таблетките итн. Е, тогаш е опасно, кога се зима самоиницијативно и без контрола на лекар,“ вели доктор Филиповски.

И доктор Филиповски смета дека актуелниот закон мора да претрпи измени и правни и стручни. Вели дека законот само ја предизвикал појавата на "абортус- туризам", односно ги принуди жените да прават абортуси во најблиските градови од соседството.

Инаку, бројот на абортуси во земјава по донесувањето на измените на Законот за прекин на бременоста во 2013 година, односно во периодот од 2013 до 2016 година се намалил за 732. Но, ако се погледнат податоците за регистрирани абортуси во периодот, од 2008 до 2013 година, кога важел стариот закон за прекин на бременост, се забележува дека бројот на абортуси се намалил за околу 1.000 во овој петгодишен период. Поточно, од 5.900 во 2008 на 4.983 абортуси во 2013 година. Само за една година, пак, 2013 споредено со 2012, бројот на абортуси паднал за 404 или од 5.387 во 2012 година на 4.983 во 2013 година.

Според упатените, дискутабилно е дали намалувањето на бројот на абортуси во последните години се должи исклучиво на измените на Законот за прекин на бременоста, бидејќи надолен тренд во бројот на извршени процедури за прекин на бременоста се забележува и во годините кога важело старото законско решение.

Во 2010 и 2011 година во медиумите исто така се појавија и неколку видеоспотови и огласи против правото на избор, како дел од владината кампања „Избери живот, „Имаш право на избор“, „Кампања за објаснување на последиците од Абортусот “, а која според многумина имаше за цел наметнување на конкретен избор - раѓање и стигматизација на оние што би избрале или веќе избрале поинаку.

Ирците пред референдум за либерализација на абортусот


Во меѓувреме, трендот на либерализација на законот за абортус се рефлектира и во други земји низ светот. Ирска е пред референдум кој е прва можност во последните 35 години за олеснување на најстрогите закони за абортус. Полска изминатиот период се соочува со протести на кои се бараше целосна забрана за абортусот, но и либерализација на строгиот закон.

За живот“ или „За избор“ се главните слогани во кампањата во Ирска пред референдумот во врска со абортусот. Референдумот, кој ќе се одржи на 25-ти овој месец, е прва можност во последниве 35 години за олеснување на еден од најстрогите закони во светот за абортус.

Ирците треба да се изјаснат дали се за повлекување на 8-миот амандман на Уставот на државата, усвоен во 1983-та година, со кој им се даде еднакво право на живот и на мајката и на нероденото дете. Тоа, практично значи дека абортусот во Ирска е речиси невозможен, освен по исклучок. Па така, жените од Ирска, кои сакаат да абортираат, често одат во некоја друга држава.

„Престанете да ги засрамувате жените“ е исто така еден од слоганите на оние што се за укинување на амандманот, додека пак противниците сметаат дека ако се укине, тоа ќе значи „Дозвола за убивање“.

Енди Хисман верува дека либерализацијата на абортусот ќе биде катастрофа.

„Не сакам абортус во Ирска по желба по 12-та недела и по 6 месеци за здрави бебиња. Тоа е масакр, тоа ќе биде“.

„Знам дека никогаш не е медицински неопходно. Абортусот убива неродени деца.“

Вели 26-годишната Беки Кели.

Поборниците на предлогот за олеснување на можностите за абортус имаат свои аргументи. Феј Керол смета дека оние што се против укинувањето на амандманот, ги лажат гласачите.

„Има многу жени кои ќе речат, знате, јас лично нема да абортирам, но не сакам да му го одземам правото на избор на некој друг“.

Во кампањата се вклучени и еминентни лекари, кои исто така се поделени во врска со ова прашање.

Рона Махони вели дека ирските жени кои сакаат да абортираат, нарачуваат лекови од странство или патуваат во странство, што предизвикува дополнителни проблеми, па и трауми.

„Доколку остане 8-миот амандман, каква е пораката на Ирска, - ќе продолжиме да бараме жените да умрат пред да им се дозволи да ја прекинат бременоста. За жените што се силувани, да не ја прекинуваат бременоста. Мислам дека тоа е мнофу застрашувача порака до жените“.

За Имон Мек Гинис, пензиониран лекар, нема оправдување за прекин на бременоста по 12-тата недела.

„Тоа е отстранување на здраво бебе. Нема оправдување за тоа. Тоа не е здравствена заштита“.

Според истражувањата на јавното мислење, младите се за либерализација на абортусот, додека оние над 65 години се стриктно против.

Доколку на референдумот биде изгласано укинувањето на амандманот, тогаш владата планира да предложи закон, со кој абортусот до 12-тата недела бременост ќе биде дозволен без рестрикции.

Строги прописи за абортус има и во Полска, а во изминатите месеци во Варшава се одржаа протести на кои се бараше целосна забрана за абортусот, но и либерализација на строгиот закон.

Според постоечкиот закон, во Полска абортусот е дозволен во три случаи, опасност за здравјето на мајката, силување или инцест, и доколку тестовите покажат дека има сериозни оштетувања на фетусот.

Владејачките конзервативци, со подршка на католичката црква, имаат намера уште повеќе да го заострат законот за абортус, односно, да ја исфрлат третата категорија, со која моментално се покриени 90 отсто од абортусите во Полска.