Инсталацијата „Зад аголот“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, од 9 до 13 мај, во рамките на фестивалот „SKG Bridges“, беше поставена пред Центарот за современа уметност во комплексот музеи на солунското пристаниште. Целта на оваа манифестација е да воспостави соработка и размена меѓу културните институции, креативните групи и иницијативи од градот со уметници од различни сфери од регионот на јужна Европа, а учеството на Јовановиќ на овој фестивал е резултат на соработката што неодамна ја почнаа музеите на современа уметност од Солун и Скопје.
Уметникот вели дека инсталацијата била поставена на Пристаништето кадешто има неколку институции кои се под капата на Музејот за современа уметност, како Центарот за современа уметност, Музејот на фотографија и дека тој лично можел да ги види реакциите на посетителите само на денот на исправањето и откривањето на неговите „сообраќајни знаци“ во Солун.
Ѓорѓе истакнува дека инсталацијата била одлично примена од посетителите и дека, уште додека ги поставувале, имало неколку ситуации кога млади луѓе доаѓале и се фотографирале со знаците што за него било убав показ дека успеал во намерата да предизвика внимание врз своето дело.
Инаку, знаците во својата иконографија содржат препознатливи мотиви со цел да го привлечат вниманието на минувачите. Од таму не чуди што во појаснувањето ќе биде забележано дека Јовановиќ со ова дело прави обид да даде толкување и го истражува значењето на перцепирањето на уличните знаци за да ги рефлектира и коментира горливите теми и проблеми на современиот, турбулентен и фрагментиран свет, како што се влијанието на лажните вести, социјалните неправди и нееднаквоста, финансиската криза итн. Дека знаците може да се гледаат и како предупредување за опасностите и предизвиците на нашето време и како одраз на нашиот заеднички, визуелен, социјален и урбан простор.
„Самата интервенција содржи осум „сообраќајни“ знаци, но кога велиме сообраќајни тоа подразбира дека тие ја имаат само таа форма. Посебно за внимание и забрането и практично јас на тие постоечки знаци внесов содржина која вообичаено не ја среќаваме во постоечкиот сообраќај. Тие зборуваат за разни горливи проблеми на современото живеење. Така што на еден од знаците на англиски беше испишано „Внимание – лажни вести зад аголот!“, на друг имаше икстограм од молотов коктел и зграда во оган реферирајќи на сè почестите протести што ни се случуваат, еден знак им беше посветен на мерките за штедење итн“, вели Јовановиќ.
Тој за време на престојот во Солун дал и кратко интервју за Третиот канал на државната ЕРТ и нагласува дека она што пријатно го изненадило, а лично и не го очекувал, е тоа што новинарите не го прашувале за актуелните проблеми меѓу двете земји, туку за делата со кои тој се претставил на Фестивалот.
Од таму, Јовановиќ, откако ќе забележи дека освен со Србија поради контактите од поранешна Југославија, вели дека за жал размените на културните програми на Република Македонија со другите соседи се многу симболични. Дополнува дека самиот веќе имал одредени соработки и дека од нив влече позитивни искуства, но дека уште многу треба да се прави во нивниот развој кој дефинитивно ќе придонесе во затоплување на односите разбивање на предрасудите едни за други.
„Во однос на соработката со Грција таа навистина е спорадична. Јас сум имал среќа да изложувам неколку пати. Не ова мое прво претставување таму туку четврто или петто, сум бил на видео-работилници во Атина и сум претставувам видео дела таму. Во истиот простор во 2015 година со Катерина Колозова остваривме еден проект „Nationless“ кој собра теоретичари и уметници од Грција, Србија, Косово, Албанија и од Македонија. Мислам дека културната соработка помеѓу овие наши земји може да придонесе кон затоплување на односите и дека на тој начин многу, многу лесно можат да се избришат тие бариери меѓу нас што политиката ги создала“, смета уметникот.
Инаку, Ѓорѓе Јовановиќ, во јуни на нивна покана ќе учествува на една групна изложба во галеријата „Ротор“ во Грац, Австрија, во тек се и неговите завршни договори за самостојна поставка во Виена, а до 18 мај неговото дело во рамките на „Сè што ни е заедничко“ е изложено во Музеј на современа уметност во Скопје на првата интернационална изложба од тој тип по многу години.