Тринаесет посебни советници, десет советници и 33 надворешни соработници има премиерот Зоран Заев ангажирано во својот кабинет. Ова го доби како одговор од Владата Радио Слободна Европа на прашањата колку вкупно советници и надворешни советници има ангажирано премиерот Заев.
Најбројни се надворешните соработници за кои како што пишуваат од Владата “не предвидува објавување на оглас бидејќи не станува збор за вработување туку ангажман со времен рок”.
Во списокот кој го доставија покрај последното назначување на Џезаир Шаќири за соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, се и имињата на поранешниот министер во неколку влади Фатмир Бесими кој е надворешен соработник за економски прашања и координација за економски раст, потоа Драгиша Милетиќ кој е надворешен соработник за меѓуетнички односи и соработка меѓу заедниците, Миле Зечевиќ, кој е надворешен соработник за адвокатски услуги, Мирослав Грчев, надворешен соработник за просторно и урбанистичко планирање и градежништво.
Премиерот има надворешни соработници и за специфични области како Филип Андов кој е соработник за креирање политики од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје, потоа Горан Николовски, надворешен соработник за политичко економски состојби во регионот на земјите од Голфскиот залив, или Силвио Аврамовски – надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блиски Исток.
Реална потреба или други интереси
Реални ли се потребите на премиерот Зоран Заев да вработи конкретни луѓе за советници во неговиот кабинет или пак, преку тие позиции се прават други калкулации, се прашуваат дел од експертите по некои наименувања на луѓе кои во јавноста предизвикаа реакции.
Последен таков потег е давањето ангажман во премиерскиот кабинет на 53 годишниот Џезаир Шаќири Хоџа, поранешен пратеник во Собранието, кој стана познат по тоа што пред десетина години тврдеше дека држи под контрола неколку села на Скопска Црна Гора и дека ОНА се мобилизира.
Шаќири, кој има завршено средно училиште, а според неговата биографија зборува француски, англиски и германски јазик, во кабинетот на Заев ќе биде ангажиран на една година за надоместок од 36 000 денари месечно.
“Џезаир Шаќири е времено ангажиран како Надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија” информираа од владата.
Хоџа на неговиот Фејсбук профил напиша: eдноставно, се работи за функција за да преживеам. Секакви луѓе има во Владата, избрани на разни функции, а вие реагирате за мене. Фактички, Заев направи математика да ме приближи до себе, и да нема никакви проблеми. Не сум направил договор со Заев за гласови, и очекувам овој договор премиерот да го испочитува.
Претходно реакции предизвика и наименувањето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски за посебен советник за странски инвестиции. Одлуката за неговото именување предизвика негодувања во јавноста, која го покрена прашањето кои се неговите квалификации за областа - привлекување странски инвестиции.
“Претседателот на Владата по сопствен избор и слободна процена може да ангажира надворешни соработници, како на пример: професори, научници, истакнати стопанственици и стручни лица” се наведува на интернет страницата на Владата.
Нема прекршувања, но треба да се води сметка
И професорот по јавна и државна администрација и Уставно право Темелко Ристески вели дека од формално правна гледна точка нема ништо незаконско, но дека треба да се води сметка за други работи.
“Треба да се води сметка тоа да бидат луѓе од кои тој што ги избрал ќе има непосредна корист, односно да ја познаваат проблематиката во областа во која што се назначени, оти ако не е така, која би била користа од нив? Можеби некоја друга, политичка, но не и некоја конкретна за областа за која е назначен” вели Ристески.
Аналитичарот Алајдин Демири пак, тврди дека некои од советниците како што вели не служат за да советуваат туку за враќање на некакви претходни сметки.
“Тие на некој начин се фиктивни, непостоечки функции, а функцијата премиерот може многу покоректно да ја врши со ангажирање на професионалци за одредени теми, но некои од советниците не се професионалци и тоа е проблемот” вели Демири.
Инаку без реакции во јавноста не поминаа ниту именувањето на Лазе Еленовски за специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел и на Глигор Ташковиќ за меѓународен член на Комитетот при Фондот за иновации и технолошки развој.
Двајцата добија позиции од владата на Заев, иако беа соработници на неговиот претходник Никола Груевски, чии резултати во работењето како премиер тој жестоко ги критикуваше.