Формирана е работна група на чело со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, која заедно со претставници од јавните институции и пратеници, ќе изготви законски измени на Законот за извршување. Премиерот Зоран Заев најави дека ќе се намалат постојните 42 тарифи за извршителските служби на 10-тина, ќе се отстранат дополнителните адвокатски трошоци, а побарувањата за комуналните услуги ќе ги наплаќаат самите претпријатија.
„Јас верувам дека ќе успееме, со тоа што секој треба да се откаже од нешто. На крајот, постоиме заради граѓаните. И извршителите и нотарите работат на јавни овластувања и треба да знаеме преку тие јавни овластувања, треба да имаме чувства за аспектот на социјалната состојба на нашето население, на нашите граѓани“, истакна премиерот Зоран Заев.
Реалноста е дека за десет години извршителите наплатиле над 949 милиони евра од фирмите и од граѓаните. Само во 2016 година се наплатени 118,9 милиони евра, покажуваат податоците од извештајот на Комората на извршители.
Како што може да се забележи од приказот, еден од илјадниците граѓани кои за минимален долг, платил многу повеќе, е скопски пензионер кој имал долг кон Балкан Енерџи Груп. Според документот, неговиот долг бил еден денар, а по завршување на извршната постапка му било наплатено 12.439 денари. Во оваа конечна цена е наплатено 277 денари за администратирање, 4.182 денари за извршни дејства, 400 денари награда за извршителот, 875 денари за ДДВ, 240 денари за материјални трошоци и 1.534 за адвокатски трошоци. Покрај ова, наплатено е и камата од 722 денари на процесни трошоци до денот на наплата.
Бидејќи случајот побуди реакција на социјалните мрежи, Комората на извршители испрати соопштение, во кое, како што стои, бара да не се нарушува сликата за системот на извршување.
„Должникот бил задолжен да плати износ од 3.464 денари на име главен долг, како и трошоци во постапката направени пред нотарот во износ од 4.208 денари. Од причина што, должникот со задоцнување го платил главниот долг, а трошоците на постапката во износ од 4.208 денари останале ненаплатени започнува да тече камата на главен долг. Со оглед на тоа доверителот и пресметал законска казнена камата во износ од 1 денар во барањето пред извршителот побарал и исплата на трошоците содржани во платниот налог издаден од нотарот.“- стои во соопштението на Комората, кои додаваат дека должникот делумно ја извршил обврската.
За да се намали бројот на огромни долгови поради процедури, граѓаните што протестираа и организациите кои постојано бараат измени во Законот за извршување, велат дека не отстапуваат од трите основни барања. Поточно, итно одблокирање на сметките, суштински измени на Законот за извршување кои нема да бидат само шминка и враќање на извршителите во рамки на судовите.
„Геноцидот е направен токму со блокирање на сметките, кога на луѓето им е одземена последната можност да го прехранат семејството. Ние нема да се откажеме сè до конечно одблокирање на сметките. Очекуваме премиерот да закаже седница на Влада со единствена точка на дневен ред – одблокирање на сметките на физичките лица. Протестите ќе се интензивираат. Планираме еднаш неделно да ги организираме и најверојатно ќе одбереме некој попладневен термин сè до исполнување на трите барања“, изјави Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршители“.
На протестот го потсетија премиерот на предизборните ветувања. Имено, во предизборната кампања, во февруари 2016 година, како лидер на СДСМ, Заев кажа пред жителите на скопски Капиштец дека кога ќе дојдат на власт ќе заврши „дивеењето“ на извршителите и наплаќањето на големи суми од граѓаните.
„Хараат извршители насекаде? Ние, ќе ги укинеме. Сите овие огромни такси на извршителите ќе ги укинеме. Не може на 1000 денари, 11 илјади на извршители да одат. Мора да има опомена прво. Првата мерка е опомена“, изјави тогаш Заев.
На крајот на минатата година, пак, премиерот изјави дека најдоцна до јануари годинава ќе почне јавна дебата за Законот за извршители, чии законски измени рече дека ќе бидат донесени до март. Потоа, на 2 јануари годинава тој изјави дека Владата бара најлесен начин за должниците да се растоварат од долговите од извршната постапка. Но, постапките за измени во Законот за извршување започнуваат деновиве.