Достапни линкови

Судир меѓу нотарите и адвокатите за Законот за нотаријат


Основен Суд Скопје 1.
Основен Суд Скопје 1.

Најавите за измени на Законот за нотаријат предизвикаа несогласувања меѓу еснафските здруженија на адвокатите и на нотарите. Според првите, на нотарите им се даваат овластувања за кои не се квалификувани, нотарите, пак, сметаат дека адвокатите сакаат да го искористат своето влијание во општеството.

Адвокатите кои деновиве ги критикуваат измените на законот за нотаријат, со кои им се одземаат дел од ингеренциите, повикуваат и на измени на концептот на нотаријатот во Македонија, оценувајќи дека тој има сериозни аномалии. Според нивните согледувања, на нотарите им се дадени овластувања за кои не се квалификувани. Спорна е целокупната постапката како нашиот систем успеал судска надлежност која ја вршеа судии со положен правосуден испит и со одредено искуство да се префрла кај луѓе кои тоа го немаат, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Aко се префрла една надлежност од судовите на одреден друг субјект, тој мора да има судско образование. Во случајот со префрлање на еден огромен дел од судската надлежност кај нотарите се направи преседан со тоа што нотарите добија работа за која не се квалификувани, разводи, оставини, солемизации на исправи. Сето тоа претходно го правеше судија. Сега тоа го прави службеник кој нема образование за тоа“, вели Тортевски.

Паралелно со ова адвокатите велат дека бараат и намалување на трошоците на граѓаните.

Законот за нотаријат беше донесен пред две години и вклучуваше задолжителното присуство на адвокат во определени постапки пред нотарот. Со измените тоа повеќе не е така.

Нотарите сега критикуваат дека адвокатите се обидуваат да ја искористат нивната бројност и влијание во општеството за да го вратат старото законско решение и укажуваат дека претходно со него имало сериозни финансиски импликации за граѓаните.

Граѓаните не може да бидат задолжени во правните работи кои ги преземаат пред органите, во случајот пред нотарите, да бидат задолжени да се застапувани од адвокат, вели нотарот Насер Зибери.

Треба да остане граѓанинот кој сака да ги застапува своите интереси преку адвокат, тоа го има како право и треба да го има, но не да го задолжиш“, вели Зибери.

Тој оценува дека адвокатите настојуваат да го вратат старото законско решение кое не е во служба на граѓаните, зашто финансиски ја обременува постапката.

„На тој начин тие се изборија во 2016 и имаше сериозни финансиски импликации за граѓаните и фирмите и продолжуваат на истиот начин да не се коригира тоа. Таквиот начин на водење на постапки е спротивeн на директивите на ЕУ, кои укажуваат дека не смее да се стави обврска граѓанинот пред нотар да биде застапуван. Тоа го забавува процесот и има тешки финансиски последици врз граѓаните“, вели Зибери.

И адвокатите, исто така, предлагаат да се намалат трошоците на граѓаните, но и оние врз чиј грб досега енормно профитирале група нотари и извршители.

Ние сме за намалување кое го имаат граѓаните и за истите средства граѓаниот да има вклучено и адвокат во постапката. Затоа што ако покрај нотар учествува и адвокат, а граѓанинот претходно плаќал на пример 9.600 денари, повторно да плаќа 9.600 денари, но да има вклучено и адвокат да ги штити нивните права. Не гледам како на граѓаните им се зголемуваат трошоците, а подготвени сме да зборуваме и за намалување на трошоците на граѓаните“, вели Тортевски.

Според него, треба да се најдат најдобри решенија за граѓаните вклучително и за проблемот со застарени сметки за кои луѓе имаат искуства со плаќање на многу високи суми.

„На пример да се намалат енормните трошоци кои граѓаните ги плаќаат за сметка од 2000 година. Нотарите и извршителите се нафрлија врз граѓаните на начин што сметка неплатена од 2000 година нарасна до 70, 80 или 150 илјади денари. Бараме начин граѓаните да се растоварат од енормно и некоректно задолжување“, вели Тортевски.

Во изминатите денови адвокатите најавуваа дека ќе почнат да штрајкуваат доколку Владата ги одобри законските измени со кои им се даваат поголеми права на нотарите, а се одземаат ингеренциите на адвокатите. По ова премиерот Зоран Заев најави дека Владата ќе го менува законот за нотаријат, наведувајќи дека крајната цел е да се избегнат непотребните трошоци, а нотарите и адвокатите да бидат во служба на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG