Достапни линкови

Нова власт нема да наплаќа парно што не се користи?


Марјан Ненов од движењето „Уа лопови“
Марјан Ненов од движењето „Уа лопови“

Граѓаните коишто на компанијата БЕГ и плаќаат за парно греење без да ја користат услугата е добро смислен организиран криминал од страна на некој политички фактор, којшто има голема моќ во државата и ги има окупирано сите институции, вели Марјан Ненов од движењето „Уа лопови“ во разговор за Радио Слободна Европа.

Засегнатите граѓани стоти пат изразија револт за проблемот. Ненов вели дека во изминатиот период барале средби кај Омудсманот, во Регулаторна комисија за енергетика, во Комисијата за заштита на конкуренцијата, во Управата за јавни приходи, во Финансиска полиција, се обратиле кај Претседателот и во Владата, но не добиле одговори. Тој се надева на промена на состојбата во судовите, за како што вели, конечно да ја видат правдата. Компанијата БЕГ има тужено од три до пет илјади граѓани, некои од нив и по десетина пати, вели Ненов, додавајќи дека најголемиот проблем овие граѓани го имаат со судовите, но и со адвокатски канцеларии и извршители.

РСЕ: Изминатава недела 100-ти пат граѓани протестираа пред Регулаторната комисија за енергетика, изразувајќи револт дека плаќаат парно греење и покрај тоа што не ја користат услугата. Каква е вашата оценка за ефектот на сите протести во изминатиов период?

Точно, беше стотиот редовен протест на исклучените граѓани од системот на Топлификација, меѓутоа имаме уште десетина други вонредни протести, така што бројката е поголема. Сметаме дека ние сепак некако влијаеме да се сменат работите. Лани дури имавме обид во Собрание, не би рекол да се смени законот, меѓутоа да се потврди дека ние не треба да плаќаме нешто што не користиме. За жал, тогаш не поддржа само опозицијата, меѓутоа владеачките партии беа против. Менуваме бидејќи знаеме дека и сега со сегашните избори гледаме дека народот се освестува, народот знае дека некој постојано го краде и веќе тоа се рефлектира врз изборите, значи се менува политичката карта и во градот Скопје. Бидејќи ние на друг начине не можевме да смениме нешто. Сите институции каде што тропнавме и се обративме или се блокирани или окупирани, тоа го осетивме на своја кожа, иако сметаме дека сме во право и дека законите се на наша страна, ние не можеме своето право да си го оствариме преку институциите во Република Македонија. Затоа решивме да делуваме малку и политички. Не зборувам дека ќе станеме некој политички фактор, меѓутоа сепак имаме некакво влијание и тука на ваков начин да ги смениме работите во наша корист.

РСЕ: Дали во целиот изминат период контактиравте со Топлификација, односно БЕГ, и што велат тие за случајот?

Со Топлификација и со БЕГ контактиравме уште од почетокот, но тие не се желни нешто да сменат или да бидат кориснички определени. Тие настапуваат од позиција на сила, од позиција на монопол и со нив веќе не разговараме. Последните барања што им ги упативме беа на 1 април минатата година, каде што мислам дека не добивме ни одговор од нивна страна. Имавме листа на барања, не ни беа слушнати барањата. Веќе немаме намера да контактираме со нив, со нив се гледаме на Суд.

РСЕ: Повеќепати укажувавте дека БЕГ ве дава на Суд, но и вие повикувавте граѓани да го тужат БЕГ. Што во моментов се случува на тоа поле, има ли се уште процеси во судовите?

Има секојдневно процеси, сега додека зборуваме има процеси во Судот. Ако кој било ден отидете во Суд и проверите колку и какви процеси има, ќе видите дека најголемиот број процеси се од БЕГ и Топлификација против граѓаните на Скопје. Тоа е огромна бројка на тужби. Отприлика еден исклучен граѓанин којшто не плаќа, бидејќи има право да не плаќа – нема договор, е тужен некаде од 10 до 11 пати. Дел од тие процеси се завршени, дел се во постапка. Мене лично сега ми стигна единаесетата тужба. Завршени се четири од кои една добив, а три изгубив. Меѓутоа, јас имам принцип, не мислам да плаќам и сите овие изгубени пресуди не се до крај изгубени. Ние одиме во Стразбур. Стразбур ги прима нашите барања, ќе ги разгледа и се надеваме на позитивна одлука како што сега беше одлуката и према новинарите коишто беа исфрлени од Парламентот. Инаку и ние го тужиме БЕГ и бевме приморани да формираме здружение за заштите на граѓанските права „Но пасаран“. Тоа здружение покрена тужба против БЕГ и Регулаторна комисија за енергетика. Коренот на проблемот всушност го гледаме во Регулаторна комисија за енергетика. Мислиме дека е токму тоа тело коешто му го расчистува патот на БЕГ за да може БЕГ да прави што сака во оваа земја. Не е само БЕГ, туку и други монополи коишто би требало да ги контролира Регулаторна. Таа се става во функција на нивните бизниси, а не во функција на заштита на граѓанските права. Затоа сметаме дека проблемот е политички, бидејќи токму тие лица што седат во столчињата во Регулаторна комисија за енергетика се поставени политички од владеачките партии. Ние и таму сме се обратиле, тие не сакаат да не дослушаат, си ја тераат својата приказна, она што некој од горе им го наредил тие мора да го извршат. Кога ќе се смени оваа власт, ќе се смени составот на ова тело, тогаш ние би сакале да се поништи правилникот на Комисијата којшто е полн со противречности со законите на Република Македонија и со Уставот и тогаш ќе бараме сите процеси да се вратат назад и граѓаните кои што се во огромен број да се обесштетат.

РСЕ: Кои се вашите следни чекори?

Ние се надеваме дека крајот на протестите се ближи, бидејќи сметаме дека со промена на оваа политичка гарнитура ќе се решат проблемите на граѓаните. Опозициските политички субјекти се на наша страна, тие сите се запознаени и се надеваме дека многу брзо ќе се реши проблемот и со Регулаторна комисија за енергетика, евентуално можеби повторно ќе има иницијатива за промена на законот за енергетика, иако и во овој облик е на наша страна, но би сакале таму стриктно да стои дека не треба да се плаќа овој рекет и мислиме дека веќе нема да има потреба од протести, туку ова ќе го решиме едноставно со неколку состаноци и со договор.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG