Американскиот државен секретар за одбрана, Џејм Матис, вчера упати порака до Македонија дека САД ги ценат чекорите на Македонија кон НАТО и дека тие напори на македонската Влада ја потврдуваат одлукатa на НАТО во Букурешт во 2008 Македонија да добие покана за членство веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение на прашањето за името со Грција.
На средбата со македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска во Пентагон, Матис рече и дека мора да ѝ аплаудира на Македонија за отпорот што го дава на „руското малигно влијание на Балканот“ и дека протерувањето на рускиот дипломат по нападот со хемиско оружје во Салисбери покажува дека Македонија стои цврсто „на страната на цивилизираните земји и меѓународното право“.
„Ние ја поздравуваме вашата работа со Грција за решавање на прашањето за името и се надевам дека таа наскоро ќе вроди плод. Не сакаме да видиме да бидете запрени на прагот на НАТО“, ѝ рече државниот секретар Матис на министерката Шеќеринска.
Според експертите, не само пораката од Матис, туку и самата средба на двајцата високи функционери, која е прва по шест години и која се случува на само два месеца пред Самитот на НАТО, е доказ за решеноста и на САД и на НАТО да ја видат Македонија како дел од Алијансата, но и дека тоа не е можно без решавање на прашањето за името.
„Сметам дека прагот на НАТО за кој зборува Матис на средбата со министерката Шекеринска е токму прашањето за името. И тоа е така уште од Самитот во 2008 година кога Македонија доби покана за членство. Поддршката на САД јасно и недвосмислено беше и останува за Македонија, но пораката дека мора да се реши прво спорот со Грција јасно ја кажа и генералниот секретар на НАТО во Скопје, Јенс Столтенберг“, вели за РСЕ, Зоран Нечев од Институтот за демократија од Скопје.
Тој додава дека од изјавата на Матис јасно се гледа силната поддршка на САД за Македонија, особено е тоа видливо во неговата благодарност „за заложбите на Македонија да не скршне од евроатлантската определба и покрај силните влијанија, особено од Русија“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И професорот по меѓународни политички односи д-р Љупчо Ристовски смета дека изјавата на Матис е јасна порака дека прво треба да се реши името, па потоа да се добие поканата за влез во Алијансата.
„Во обраќањето на американскиот министер за одбрана за брзопотезното членство на Македонија во НАТО јас не гледам некој претеран оптимизам, освен политичка коректност. Можеби не толку директно, но тој нас не упатува на решавање на прашањето за името, прашање за кое Столтенберг рече дека е непремостлива пречка за членство во Алијансата“, вели Ристовски за РСЕ.
Тој појаснува дека и САД и НАТО не поддржуваат и за членство и за решавање на спорот за името, но дека не очекува САД и НАТО да најдат некој начин за зачленување на Македонија во Алијансата без претходен договор на Скопје и Атина за заеднички прифатливо име.
Според професорот Ристовски, Македонија сега има послаби позиции од оние во Букурешт во 2008 година, бидејќи, како што вели, тогаш лично претседателот Џорџ Буш застанал зад нашето зачленување на НАТО, а дека сега Македонија нема „таква позиција еден претседател на САД да излезе и јавно и отворено да каже дека Македонија треба да влезе во НАТО, а Грција од тогаш до сега ги консолидирала своите позиции во однос на тоа што Алијансата го бара како услов за зачленување“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на вчерашната средба со американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис во Пентагон рече дека Македонија е подготвена да стане членка на НАТО сојузот.
Таа и денес ја продолжи посетата на САД и средбите со високи државни и воени функционери од американската администрација, на кои средби порача дека влезот во НАТО нема да биде успех само на Македонија, туку и на САД и на НАТО.