„Средба со Балканот“ (или „Encounter Balkans“) е насловен проектот зад кој како потписници застанаа Европската танцувачка мрежа, Кино Шишка – Центар за урбана култура и Номад танц академијата. По неколкуте презентации во Словенија, Хрватска, Србија и во Македонија, оваа номадска турнеја ќе кулминира во Софија, во Бугарија на Интернационалниот фестивал за танц „Антистатик“.
Во Скопје наш партнер беше Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и во културата и во двата предвидени дена, на 25 и 26 април, во рамките на настанот „Танц, политики, различности и простори“ во Кино Култура имавме исклучително плодни средби и стекнавме многу вредни сознанија.
Вака Митја Брахвар, првиот човек на Одделот за изведувачки уметности на љубљанското Кино Шишка, ќе го започне своето кажување за досегашниот тек на проектот.
„Во секој град имаме локален партнер и главната мотивација за да дојдеме беше да ја запознаеме локалната сцена за изведувачки уметности, театар и за танц. Се разбира нашиот македонски партнер е Локомотива - Центарот за нови иницијативи во уметноста и во културата и во Скопје имавме можност да се запознаеме со мнозина чинители на таа уметничка сцена. Ги проследивме презентации на Скопје танцов театар, на Интерарт културниот центар, Виолета Качакова говореше за Кино Култура, Елена Ристеска за танцовите простори, условите и моменталната позиција на современиот танц во Македонија, доека Билјана Тануровска Ќулавковски беше модератор на трибината за политиките во танцот ... Го видовме и проектот „Moonlight“ на Александар Георгиев и Дарио Барето Дамас, за да на самиот крај имаме и средба со Роберт Алаѓозовски, министерот за култура. Сето тоа е особено важно бидејќи на овој начин и се дава поголема видливост на независната уметничка сцена“, вели Брахвар.
Митја Брахвар, КИНО ШИШКА Љубљана
Тој со појаснување дека Европската танцувачка сцена ја чинат 37 членки танцувачки куќи кои располагаат со свој простор од повеќе од 20 земји на Стариот континент. Дека тие ги познаваат приликите во кои самите делуваат, но дека речиси и да немаат поим за она што се случува во земјите од поранешна Југославија и генерално на Балканот. Вели дека од таму и потребата за овој проект.
„Така дојдовме до идејата да тргнеме со автобус и да го реализираме ова своевидно номадско-уметничко патешествие кое почна во Љубљана, па преку Загреб, Белград, Скопје ќе заврши во Софија. Инаку, оваа активност беше предложена во новиот проект поддржан од програмата на Европската унија - „Креативна Европа. Една од главните и клучни цели е да се прошири досегот преку охрабрување на дијалогот, да се биде отворен и флексибилен за новите глобални предизвици со кои се соочуваат танцот и граѓанското општество. Идејата е да се споделат информациите и да се овозможи практично физичко искуство, преку посета на места и запознавање со луѓе, структури и програми со цел да се запознаат со постојните потенцијали, наспроти идејата да се бара она што недостасува во регионот“, вели тој.
Од презентацијата во Кино Култура - Скопје
Митја со дополна дека првичните сознанија од проектот охрабруваат и дека тој, наспроти различните модели на финансирање во различните средини, е оптимист во однос на идната меѓународна соработка помеѓу уметниците кои творат на овие простори.
„Уметниците и менаџерите во културата видоа кој во какви услови работи и колку е тешко да исчекориш кога делуваш на независната сцена, се бавиш со современа уметност. Тие сега ги имаат сознанијата, реално би било да се направи рекапитулација на сето тоа и потоа да се видат можностите за вклучување во некаков поголем европски проект. Турнејата сепак беше спонзорирана од програмата Креативна Европа и јас очекувам дека тоа би можело да ни помогне во реализација на натамошните планови за поширока соработка“, смета Брахвар.
Според него нема никакви пречки за натамошната соработка помеѓу самите уметници, „...тие доаѓаат, се претставуваат, заминуваат и се враќаат...“, но дека во перспектива многу повеќе треба да се работи на соработката меѓу институциите.
„Соработката ќе биде на проектите што заеднички ќе ги изработиме. Пред да ја започнеме оваа балканска турнеја ние изработивме и една апликација за Креативна Европа која ќе ги поврзува сите овие градови... Љубљана, Загреб, Белград, Скопје и Софија... и сите овие институции и се надевам дека за неа ќе ја добиеме неопходната финансиска подршка. А, тоа би бил веќе вториот чекор во нашето заедничко делување. Јас сум голем оптимист“, дециден е тој.