Достапни линкови

Локомоушн #8 со стремеж кон критично размислување преку уметностите


Во сабота, на 24 октомври, во Младинскиот културен центар во Скопје, започнува осмото издание на Фестивалот за современ танц и перформанс – Локомоушн. Манифестацијата, која годинава ќе се одвива до 28-ми овој месец, ќе понуди нов преглед на новото и иновативното во полето на современиот танц и перформанс, дополнет со работилница и презентации на истражувањата.

По седумте успешни изданија во чии рамки македонската публика имаше можност да проследи изведби на бројни имиња на реномирани автори и компании од Европа и од регионот како Италијанот Франческо Скавета, Изабел Шад и Бруно Пошерон од Греманија и Франција, Бара Коленц, Јуриј Коњар, Горан Бодановски, Снежана Премуш и Примож Бежјак од Словенија, Србинката Далија Ачин и други, од 24 до 28 октомври, во Младинскиот културен центар и во клубот „Менада“ во Скопје, во организација на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата чии партнери годинава се Театарот на Навигаторот Цветко и проект Култура, ќе се одржи осмиот Фестивалот за современ танц и перформанс – Локомоушн.

И затоа сметаме дека е многу важно освен во оној сегмент на претставување на новините во современиот танц и перформанс да работиме во насока на развивање на критичкото мислење преку уметноста како составен дел на општеството и поле за општествено влијание.
Биљана Тануровска – Ќулавковски, менаџер на Локомотива и програмски уредник на фестивалот.

Во интернационалниот дел од манифестацијата, освен „На трака“ од Игор Коруга и „Das Marionette: Saudade“ на Адриана Ле Селва и Арно Стокс кои ќе бидат прикажани на отворањето на случувањето, ќе бидат изведени и „Употреба / Целта на отуѓувањето“ на кореографката Ангела Кецински и проектот во кој настапуват и Тереса Хофман, Елизабет Леополд и Патрициа Маи, „Стапица“ - соло перформансот на Мариана Тенгнер Барос од Португалија и „Најдобра“ чиј потписник е истоимената артистка од Хрватска.

Од домашните автори ќе биде претставено делото MRF - кратенка од изразот „madness runs in the family” - на Драгана Заревска и Александар Георгиев, кои овде се јавуваат како изведувачи и автори на музиката и текстот. Овој проект ќе биде понуден во форма на презентација на истражување, а развиван е во рамки на двете резиденции организирани од Локомотива како Либеро партнер на АПАП проектот во 2015 година, и тоа во Студентскиот центар Загреб и во Буда Кортријк во Белгија.

Од друга страна во дискурзивниот програмски дел кој се состои од предавања, разговори, работилници, презентации на истражувања и дискусии ќе може да се проследат „Движење на љубовта“ на Сабрина Железник од Словенија и „Откривање на креативниот процес: движење, контакт, јачина“ - работилницата со која ќе раководи Анита Чари од САД. Во нејзини рамки, низ разговор со Проф. Д-р Сенка Анастасова, ќе биде промовиран и теорискиот труд на Чари - “Политичка економија на сетилата: Неолиберализам, Реификација, Критика” (Колумбија прес, октомври 2015).

Во рамки на „Локомоушн # 8“ се одвива дел од проектот Критичка пракса _Made in Yu_.

Проектот е ориентиран кон засилување на дискурзивните рефлексии за современите изведувачки уметности, со цел да го овозможи нивниот продор кон пошироката публика и фокусиран на пост- југословенскиот регион и неговата врска со европскиот контекст.

„Целта ни е оваа дисциплинска рамка на програмата да зборува за прашања кои произлегуваат од критичката теорија, уметничката пракса и културните политики, кои се меѓусебно поврзани и се сметаат за составни делови на изведувачката уметничка сцена и генерално, на културната сцена. И затоа сметаме дека е многу важно освен во оној сегмент на претставување на новините во современиот танц и перформанс да работиме во насока на развивање на критичкото мислење преку уметноста како составен дел на општеството и поле за општествено влијание. Со овој проект, се овозможува политичкиот и креативниот потенцијал на Балканскиот регион да стане видлив и артикулиран како критичка платформа за млади мислители кои се во можност да направат општествени и културни промени“, вели Биљана Тануровска – Ќулавковски, менаџер на Локомотива и програмски уредник на фестивалот.

Критичка пракса_Made in Yu инаку се одвива во рамките на долгорочниот проект Life Long Burning и е подржана од Програмата за култура на Европската унија, а годинава учество во неа ќе земат критичарите и теоретичари: Ида Даниел од Бугарија, Унгарецот Кристоф Фаркас, Шир Хакам од Израел, Ливиа Андреа Пиаза од Италија, Ашлинг Маркс од Велика Британија, Стина Нирберг од Шведска и Словенката Ана Шнабл.Ментор е Ана Вујановиќ, а програмски кординатори Маријана Цветковиќ- Марковиќ и Биљана Тануровска - Ќулавковски.

Кон ова само уште информацијата дека и овојпат влезот за сите перформанси и програмски целини на Фестивалот за современ танц и перформанс – Локомоушн е слободен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG