Падот на февруарската просечна плата од 3,6 проценти во однос на јануари годинава е резултат на сезонски флуктуации кои се вообичаени за мала економија како македонската, објаснуваат од Владата по обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според која падот е резултат на неспособноста на владата. Од Владата додаваат дека не може да се изведуваат издржани заклучоци од анализа на еден месец во друг, притоа истакнувајќи дека статистиката покажува дека февруарската плата годинава е повисока во однос на ланскиот февруари.
„Таквите флуктуации од месец на месец можат да се случат поради многу причини. Македонија е многу мала економија. Еден „Фени“ да стартира, па ќе ја смени просечната плата во Македонија. Две странски инвестиции да почнат или да престанат да работат и тој просек ќе се смени за неколку проценти, затоа што економијата е многу мала и едно нешто да се промени некаде, во некој сектор, ќе имаме промена и тоа ќе влијание врз агрегатните бројки“, вели економскиот советник во Владата, професор Ванчо Узунов.
Toa што јануарската плата била повисока е резултат на одредени додатоци на платите кои компаниите ги исплаќаат на годишно ниво, додека пак во февруари сезонскиот ефект е негативен поради помалиот број работни денови, објаснуваат економските експерти. Министерот за финансии Драган Тевдовски минатиот месец соопшти дека дека просечната нето плата првпат во историјата надминала 24.025 денари и во споредба со јануари минатата година имала раст од 1.275 денари, односно за 5,6 проценти.
Професор Марјан Петрески од Американ Колеџ, вели дека ваквата реакција била пренагласена, бидејќи ако се погледне наназад низ годините забележително е дека во јануари платата секогаш расте позначајно од она што претставува еден просечен раст.
„Ако споредуваме подолг период од неколку месеци ќе забележиме дека од јануари до септември 2017 година растот на платата е 2, 5 отсто, а во периодот од октомври 2017 година до февруари 2018 растот изнесува над 3, 5 проценти. Таа разлика може да се препише на порастот на минималната плата. Додека пак месечните осцилации ги имало и ќе ги има и тие не можат да се препишат на конкретна мерка“, вели професор Петрески.
Долгорочно гледано тој очекува платата да продолжи да расте, но сепак смета дека очекувањата за просек од 500 евра месечна плата се преоптимистички.
„Со овој раст кој сега го гледаме не може да се очекува дека 30. 000 денари ќе се постигнат во блиска иднина, дури и во мандат на една влада. Значи ќе треба да поминат повеќе години за да може тие 500 евра да се постигнат и притоа да бидат реален одраз на пораст на животниот стандард“, заклучува Петрески.
Во историјата имало случаи кога платите драстично растеле, но само кога растеле и цените, што во моментот во земјава не е случај бидејќи цените се стабилни.
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека најголем пад на платите има во клучни сектори како што се рударството, транспорт, земјоделие, уметност забава и рекреација. Мицкоски рече дека падот директно ќе влијае на падот на стандардот на граѓаните и на намалување на куповната моќ. Од СДСМ пак наведуваат дека преку успешните економски политики и Планот за економски раст, платите растеле и ќе продолжеле да растат.