Исклучително високата стапка на невработеност и непродуктивност на работната сила остануваат проблем број еден во Македонија. Последното истражување направено во 2016 година од Меѓународната организација на трудот покажува дека 24,3 проценти од младите луѓе ниту се вработени, ниту се во образовниот процес, ниту, пак, на обука.
Извршниот директор на коалицијата на младински организации „Сега“, Зоран Илиески вели дека овие се главни целни групи кон кои треба да се однесуваат политиките на вработување, допoлнувајќи дека процентуално тие изнесуваат 60 насто од вкупниот број невработени.
„И тоа се значителен број кои се со високо образование, а 40 проценти од оваа група се невработени кои не се студенти. Со оглед на бројките овие луѓе во понатамошниот живот ќе доживеат влошување на својот човечки капитал, односно сè она што e акумулирано во смисла на образовниот процес во кој биле“, вели Илиески.
Тој нагласува дека општеството треба да вложува напори овие луѓе да се вратат на пазарот на трудот, но и да бидат подготвени да се вратат на пазарот, зашто во спротивно ќе претставуваат трошок и за државата и за себе.
Според експертите, мора да се забрзаат реформите за да се реши проблемот на невработеноста, а Илиоски укажува дека Агенцијата за вработување треба да се насочи првенствено кон информирање на младите луѓе за можностите за обука и вработувања како и на сите млади во Македонија, без оглед во кој дел живеат да им овозможи да имаат еднакви услови за развој.
Тој вели дека индикативни се податоците од истражувањето што тие го направиле во изминатите три месеци.
Податоците зборуваат дека 91 процент од испитаниците посакуваат преку интернет да добиваат информации за можностите за вработување, додека 45 отсто немаат информации за обука. Загрижувачки е податокот дека 18 отсто од нив навеле дека немаат финансии за дополнително образование.
Во меѓувреме, лошата економска состојба во Македонија ги тера младите првично да размислуваат да студираат во странство. Нивната желба не е заради квалитетот на образованието, туку и заради можноста да останат да живеат таму.
„Иако сум прилично задоволна од образованието што го добивам на овој факултет, но имам многу пријатели кои учат во странство и се многу задоволни од програмата што тие ја учат и имаат повеќе можности за пракса и дури и платена пракса и имаат можност да запознаат нови луѓе и култури. Тоа ми се допаѓа.“
„Дефинитивно да. Истиот смер би го запишала во друга држава, зашто мислам дека квалитетот на образование е подобар.“
„Сакам да го искусам ова во Македонија, а ако има можност би отишол на некоја Ерзамус програма да видам како е да се учи надвор и да се осамостојам“, велат дел од студентите.
Ова е еден од новите трендови кој се појавува меѓу младите луѓе кои ги искористуваат можностите на стипендии кои ги обезбедуваат странските факултети или одредени програми на ЕУ. Ова значително ја влошува состојбата кога станува збор за квалитетен образуван кадар. Илиески вели дека дел од младите заминуваат и само на доусовршување или постдипломски, но оти и тоа е одлив на млади кои се подготвени за пазарот на трудот, но остануваат во други земји.
Состојбата ја влошува и дисбалансот меѓу образовниот систем и пазарот на трудот. Предизвик за образованието е да биде во корелација и со бизнис секторот. Илевски вели дека од комуникација со бизнис секторот увиделе дека има голем број слободни работни места за кои младите не се подготвени. Има недостиг на кадар и интерес кај младите да ги пополнат тие места, вели Илиоски.
Македонија е на трето место во светот по невработени млади според листата на Светска банка, која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот за минатата година. Младинска невработеност во Македонија изнесува 50,1 проценти.