Могерини: Одговорност, прагматизам, храброст

Федерика Могерини се обрати пред пратениците во Собранието на Македонија.

Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, денеска во Собранието порача дека е време да се трча заедно, да се трча и со соседи и оти верува дека така ќе се стигне многу далеку. Таа го поздрави единството меѓу политичките чинители и побара тоа да продолжи.

Во дваесетина минути долгиот говор пред пратениците во македонското Собрание, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Федерика Могерини, неколкупати го спомена заедничкиот успех за добиената неусловена препорака за почеток на преговорите за зачленување во Унијата. Успехот е на владата, опозицијата, претседателот, институциите и други фактори, рече Могерини, барајќи таквото единство да продолжи и понатаму.

„Овие резултати се заеднички и за владата и за опозицијата. И на опозицијата и на владата им дава одговорност сега да ги обединат силите за идните чекори кои треба да се преземат. Ја споделувате обврската да се грижите за иднината на своите граѓани и својата држава. Владата ја има одговорноста да го отвори просторот за целосно учество и вклученост на опозицијата и опозицијата има одговорност да се вклучи и да придонесе конструктивно кон оваа работа“, рече Могерини.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Власта и опозицијата да се обединат за идните чекори

Таа зборуваше и за обединување на сите за да се остварат целите на мнозинството граѓани и побара таквиот начин на обединување какво што било за реформите, да продолжи и во иднина, за како што кажа, некои национални приоритети.

Овие пораки за единство се упатени за реформите, но и за она што ја очекува Македонија во однос на евентуалното решение за проблемот за името со Грција, смета Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

„Само кога се носат одлуки поддржани и од власта и од опозицијата, односно со консензус се смета дека тие се поддржани од сите граѓани на Република Македонија, без разлика чии поддржувачи се и затоа тие одлуки се најлегитимни“, вели Гаџовски.

Могерини, пак, повторно употребувајќи ја метафората со видео играта и начинот на кој земјите се приближуваат кон Европската унија, рече дека следно ниво е спроведување на усвоените реформи. Но, како што ја нарече, импресивната работа што се завршила не била само на внатрешен план, туку и во однос на билатералните прашања и регионалната динамика. Овој парламент одигра значајна улога во Договорот за добрососедство со Бугарија, кажа таа.

Одговорност, прагматизам, визија за иднината, храброст се и ќе бидат неопходни. Уверена сум дека разговорите со Грција ќе доведат до решение што ќе ги задоволи двете страни и уверена сум дека ова ќе прерасне во основа за идна обединетост на европскиот континент“, рече Могерини.

Имаме потенцијал да бидеме брзи и успешни во постапките за обединување на Европа да се движиме брзо кон членството во ЕУ, додаде европската политичарка, порачувајќи им на македонските колеги да инвестираат во единството и во демократските институции.

Могерини од вчера престојува во Македонија. По средбата со премиерот Зоран Заев упати слични пораки, а и со претседателот Ѓорге Иванов, како што соопштија од неговиот Кабинет „размениле мислења во однос на тековните разговори за прашањето за разликата за името“.

На работниот појадок со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Могерини и било пренесено дека Европската унија и е потребна на Македонија како начин за подигнување на стандард на граѓаните, повисок квалитет на живеење и споделување на заедничките вредности. На тој план, нагласил Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ даде свој придонес давајќи суштински забелешки кои беа инкорпорирани во реформските закони кои беа донесени. Партискиот лидер, како што пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ изразил загриженост за економската стагнација во државата, корупцијата, политичкиот терор кој бил широко застапен.