Земјата се врати на европскиот пат, по долгиот пат и по искушенијата со политичката криза, рече еврокомесарот Јоханес Хан, откако на премиерот Зоран Заев му го предаде Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес. Хан вели дека препораката е заслужена и дека членките на ЕУ го признале сработеното. На земјата сега и останува да ги спроведе реформите, вели еврокомесарот.
„Нема простор за самозадоволство. Динамиката на реформите сега треба да продолжи, особено во важните области како подобрување на независноста на судството. Промената не е само за подобрување на легислативата, туку и за спроведувањето, добриот учинок и најважно, конкретни придобивки за граѓаните. Имате одлична програма, веднаш по почетокот на владата, планот 3-6-9, направивте многу во усвојување на неопходната легислатива, но сега треба сето ова да се имплементира. Тука сметаме на вас и на вашата одлучност. Сега фокусирајте се врз имплементацијата на тоа што е договорено за да може поединецот да ја види вредноста на европската перспектива“, рече Хан.
Ако реформите се спроведат, земјата може да биде модел во регионот, додаде Хан.
Премиерот Заев вели дека по реформскиот план 3-6-9, следува нов план. Извештајот на ЕК, е мотив за следниот чекор, вели тој.
„Нашата следна цел е одлуката за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ на Самитот на министри во јуни. Владата уште поенергично ќе ги води политичките и реформските процеси во следните два месеци за во јуни Македонија да добие датум за почеток на преговори“, рече Заев.
На прашањето дали има план Б за Македонија, доколку не се реши прашањето за името, еврокомесарот рече дека спорот за името досега беше пречка, но добро е што сега се работи на изнаоѓање решение.
„Уверен сум дека може да се постигне решение во блиска иднина, не само затоа што се преговара, туку добро е и да има соработка со соседите“, рече Хан.
Тој вели дека треба да се искористи ова можност, а за да се постигне компромис, секоја страна треба да даде нешто.
Премиерот Заев пак наведе дека ќе продолжат да работат заедно со опозицијата и со граѓанскиот сектор и да носат и други стратешки одлуки, пред сè за спорот за името. Запрашан што може Македонија да и донесе на ЕУ, Заев рече дека од членството Унијата би имала само придобивки.
Еврокомесарот Хан вели дека е убаво да се посети земјата за добри вести, по толку посети за решавање на политичката криза. Еврокомесарот им честиташе на владата, на опозицијата и на парламентот за поддршката што ја дадоа за остварување на ова национална цел.