Димовски: ТЕМПЕРА е лична приказна која сме должни да ја раскажеме

ТЕМПЕРА Фото: Влатко Цоле Чачоровски

По нецели четири години од концертот за деби албумот „Играј“, групата ТЕМПЕРА, во среда на 18 април, во 21 часот, се враќа во скопскиот клуб Станица 26. И не само за да ги промовира четирите нови синглови што ќе се најдат на втората објава планирана за летово, туку и да не потсети колку енергичен и моќен може да биде македонскиот рокенрол кога го свират оние коишто го живеат.

Мите Димовски, продуцентот и тапанарот на ТЕМПЕРА, во пресрет на претстојниот претпромотивен концерт на составот во Станица 26, кој патем како организатори го потпишуваат „3 Гонга“, знае да каже дека ако насловот на првиот албум беше „Играј“, тогаш последниот нивни сингл симболично се вика „Не застанувај!“. Појаснува дека тоа е еден вид континуитет во играта. Игра со духот и со она што тие го работат музички.

Концептот на вадење на синглови ни се чинеше поинтересен. Не сакавме да влеземе во некоја временска рамка кога треба да биде објавен следниот албум и затоа се решивме сите оние идеи и енергии што ги носевме во себе да ги ставиме на т.н. носачи на звук, финализирани песни, и за да не седат по фиоки и по компјутери едноставно ги презентиравме парче по парче. И полека дојдовме до ова – до концертот“, вели Димовски.

Тој истакнува дека сингловите што и ги понудиле на публиката, а го чинат материјалот за вториот албум се различни по емоции и по енергија, но се дел од една иста сторија.

„Она што не карактеризира нас како бенд го задржуваме и на новиот албум, а се надевам дека така и ќе биде додека не држи силата за да ја раскажуваме оваа приказна на ТЕМПЕРА. А, тоа е всушност амплитудата сочинета од емоции и енергија во нејзината презентација . Таа е сочинета од тивки песни како „Тивка река“, до енергични како „Ѕвер“. Исто така енергијата беше премодулирана во „Коњаници“, а на четвртиот сингл еве не, како што јас милувам да кажам, во манир на еден рок-класик, или рок-шансона...Со таков рефрен. Тоа е она што нас дефинира“, појаснува тој.

​Од друга страна, Димовски потсетува дека излегувањето заедно на сцена за нив е она ултимативното поради што воопшто и се нафатиле да се бават со музика. Смета дека едно нешто е она што врие во нив да биде запишано, документирано, а сосема друго јавната презентација.

Дека целата енергија што ја чувствуваат додека свират пред публика, без разлика дали тоа се двајца – тројца луѓе или голем концерт, е причината поради која и се решиле да се бават со оваа професија. Дека токму сцената е она што ги прави посебни. Од таму според него пробите и снимањата им се симулација на јавен настап при што упорно се трудат да се збогуваат со класичната продукциска шема – синхронизација на инструментите, наснимувања ...Дека ТЕМПЕРА е урбан рокенрол бенд кој милува да свири во живо и на кој му е повеќе од јасно дека е најмоќен и најсилен кога е на сцена,

„Ова е некоја интимна приказна што трае многу долго и во која е најважно тоа дека без никакви компромиси сакаме сите оние музички превирања и искуства што ги имаме да ги презентираме преку ТЕМПЕРА. Како интимна приказна, споменар или како некаква емоција што секој си ја носи во себе. Без какви било ограничувања или пречки. Независно што песните и на првиот и на вториот албум се различни според емоциите, тоа сепак е некаков печат во времето што сакаме да го оставиме зад себе. Да кажеме дека во тој момент ете така сме се чувствувале, таква енергија и мисла сме носеле во себе и таква музика сме испорачале. Затоа и така ги издаваме – сингл по сингл. Оти ако почнеш по некое време да им се враќаш на веќе готовите песни, стално ќе најдеш нешто што поинаку би го сторил...и тука нема крај. Сè оди до недоглед. Мора да се подвлече линија. Ние сме четворица, понекогаш животот и работите ќе не одвлечат од целта и ќе направиме некоја пауза, но ТЕМПЕРА ...барем јас мислам така... е интимна, лична приказна која сме должни да ја раскажеме!“, категоричен е Димовски.

Конечно, во периодов што следува ТЕМПЕРА планира да продолжи со динамиката на објавување на синглови за да некаде кон крајот на летово биде публикуван и вториот албум чиј работен наслов е „Не застанувај!“ - порака која како што велат од бендот е податлива не само за нив туку и воопшто за сите.

Инаку, колку за потсетување, групата ја чинат пејачката Тања Тас, гитаристот Драган Гиновски Гино, басистот Ѓоле Максимовск и продуцентот и тапанар Мите Димовски. Тие иако зад себе имаат импресивни музички кариери како ТЕМПЕРА на македонскарта музичка сцена се присутни половина декада.

Инаку, ако малку се проветри нивното минато на виделина ќе излезе дека дел од сопствената креативност оставиле во големини како АРХАНГЕЛ, ЦИЛИНДЕР, ГИНО ДЕ ГАГИ И НИВНИТЕ СТРАСТИ, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, СЕТ, МИТАН ПРОЕКТ, КАБАДАЈАС, МУГЕР ФУГЕР, АЛШАР, БЕНЕВАНТАН ТРИО, КИСМЕТ, ВАЈЛД БАНЧ, а на еден или друг начин соработувале со имиња како МИЗАР, АНАСТАСИЈА, Кирил Џајковски, ФОЛТИН или Јан Акерман, Теодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ...