Животниот стандард и натаму најголем проблем

Архивска фотографија - Луѓе во центарот на Скопје.

И покрај мерките што ги презема Владата за подобрување на животниот стандард, дел од граѓаните велат дека се оптоварени со егзистенцијални проблеми кои ги имаат во континуитет со години наназад. Економистите велат дека има нагорна линија во економијата, но ефектите ќе се почувствуваат догодина.

И покрај новите владини мерки за подобрување на животниот стандард, како зголемување на просечна плата и законско зголемување на минималната плата и политики со кои се укина радиодифизната такса и се врати ефтината струја, сепак во пракса е поинаку. Дел од граѓаните велат дека и понатаму се оптоварени со проблеми кои ги имаат во континуитет со години наназад, како ниски плати и пензии, иселување на младите луѓе и висока стапка на невработеност. Дел од луѓето велат дека има олеснувања, но се уште не чувствуваат дека има подобри услови за вработување, усовршување и напредување.

Имаат луѓе пари на Белизе

„Можеби малку подобро, но да речеме дека сè е во ред - не е. Уште не може да почувствуваме некое подобрување.“

„Еден дел од народот во Македонија се сиромашни, додека еден дел не знаат колку пари имаат. Имаат луѓе пари на Белизе, таму некаде тоа е остров на Индиски океан.“

„Гледам дека ценити по некој мал процент се зголемуваат, а пензијата ми е иста,“ велат дел од граѓаните.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Луѓето и натаму во потрага по подобар стандард

Кога децата бегаат, нема стандард

Но иако економските мотиви се примарни за незадоволството на луѓето, тие не се единствени. На дел од луѓето им е преку глава од системот на вредности кој не се менува на овие простори и е наметнат уште пред дваесет години. Оние чии членови на семејството си заминале од државата, велат дека тоа го направиле поради подобри плати, но и севкупен подобар амбиент за живот.

„Јас имам две деца со сопругата, едниот е доктор, а другиот педагог, ниедно немам дома, 16 години сме сами. И што да ви кажам кога избегаа, каков стандард ќе барате.“

„Многу народ се исели од државата и во последниве пет- шест месеци година, што значи не е подобрено“, велат луѓето.

Има нагорна линија во економијата

Но економистите велат дека се случуваат позитивни работи за македонска економија. Така според податоците на кои укажува економистот Фатмир Битиќи во секторите за давање на јавни услуги кака здравството има тенденција за покачување на платите, а од друга страна нема преголема инфлација и покачување на цените и затоа смета дека има нагорна тенденција. Но според неговата оценка граѓаните ќе ги почувствуваат првите ефекти и подобрување на квалитетот на нивниот живот од идната година.

„Во принцип има нагорна линија, но премногу е рано да се заклучи дали е ова тренд или моментална состојба“, вели Битиќи.

Тој смета дека тоа што граѓаните не ја чувствуваат нагорната линија во животниот стандард има врска со политиките што ги водела претходната влада во изминатите десетина години.

„Не е толкаво исчекорување по период од 12 години во коj ние бевме во заблуда, каде државата ги насочуваше економските тековите и каде вештачки имавме зголемување на пензии. Сметам дека е премногу тешко да се очекува откако дојдовме на реална основа дека луѓето таа тенденција многу бргу ќе расте и затоа сметам дека граѓаните не може да го почувствуваат и треба да помине одредено време“, вели Битиќи.

Тој дополнува дека многу е важно какви ќе бидат следните даночни политики и другите мерки во економијата што ќе ги преземе владата за да се заклучи дали животниот стандард навистина ќе се зголемува.