Бројката на лица кои што живееле под прагот на сиромаштија во 2016 година е зголемена во однос на 2015, според најновите податоци на Државниот завод за статистика. Ако пред две години околу 445 илјади лица биле сиромашни, бројката во минатата година е поголема за нешто над 5.000 лица, односно 21,8 проценти од севкупното население се сиромашни. Најголем дел од оние што живеат под прагот на сиромаштија се семејства со три и повеќе деца или околу 50 проценти, потоа следат самохраните родители. Освен пензионерите, невработените и неактивните лица, шест ипол проценти од сиромашните се вработени лица.
Билјана Дуковска од Платформата за борба против сиромаштијата, вели дека ситуацијата е многу пострашна, бидејќи останатите кои не се опфатени во статистичката бројка многу често кубурат да стигнат до социјални услуги и да се вклучат во општествените процеси и тоа е најголемиот проблем со којшто сакаат да се изборат. Затоа, според неа, сите институции, граѓански организации и самите луѓе кои се засегнати од овој проблем да зборуваат отворено.
„Не е лесно да се зборува отворено особено не кога утре треба да побарате работа некаде па ќе се соочите со стигмата или дискриминацијата за тоа кои сте и од каде доаѓате. Исто така не е лесно да бидете родител којшто отворено ќе признае дека тој и неговото семејство живеат во сиромаштија. Исто така не е лесно да се признае и дека вие чесно работите, а не заработувате доволно за да го прехраните вашето семејство. Оттука заклучокот е дека многу алармантна е ситуацијата и се помага кој колку може и како може, меѓутоа тоа не е доволно додека не се стави во една систематска рамка“, посочува Дуковска.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по повод светскиот ден за борба против сиромаштијата порача дека за позначајни резултати на тоа поле е потребно време и она што веднаш што може да се направи е кратење на непродуктивните трошоци.
„Нашата главна обврска е да излеземе во пресрет на најранливите и со тоа на најпогодените од сиромаштијата и тоа не само преку парична помош, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштија од генерација во генерација. Во нашата земја за жал не се сиромашни оние кои немаат работа туку и голем број вработени токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи со кои на луѓето директно им се помага да се искачат над линијата на сиромаштија односно минималното ниво на приход кој е потребен за да се обезбедат животните потреби“, рече Царовска.
Целта на Министерството, како што посочи Царовска, е да се намали сиромаштијата до 2020 година на 16 проценти. Дуковска додава дека се спроведуваат хуманитарни акции и граѓаните или организациите помагаат на индивидуално ниво и се случуваат поместувања во делот на националните политики, меѓутоа треба истите да заживеат за да се види дали ќе бидат ефектни.