Името договорено, ерга омнес спорно?

Прес-конференција на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров во Скопје, 23 март 2018

Што треба да биде заокружено на престојната средба за името меѓу Коѕијас и Димитров во Охрид? Дали името, јазикот и како ќе биде напишано државјанството е веќе договорено и дали главната пречка не(промената) на Уставот ќе се решава етапно?

Name: Upper Macedonia

Language: Macedonian* (во фуснота би пишувало дека јазикот и припаѓа на групата словенски јазици)

Државјанство / nationality : Upper Macedonia

Македонските власти, според вообичаената практика, не сакаат дури ни неофицијално да коментираат одредени информации пласирани во македонската и грчката јавност оти наводно има приближување на ставовите за името на државата, за јазикот во Обединетите нации и за тоа што ќе биде напишано во графата државјанство/nationality.

Меѓутоа, премиерот Зоран Заев, кој е спремен и да ја жртвува политичката кариера за да се реши ова прашање кое ја кочи Македонија во евроатлантските аспирации, е оптимист и пред претстојната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој се очекува да слета во Охрид од Белград утревечер, а таму ќе го чека министерот за надворешни работи Никола Димитров. Заев за МИА, имено, изјави дека имало позитивен исчекор во Виена и верува дека ќе биде заокружен на следната средба меѓу министрите Димитров и Коѕијас.

Позитивен исчекор

Е, сега, прашањата за што е постигнат позитивен исчекор, а што останува да се заокружи нема официјален одговор, освен она што ќе се види и чуе од дипломатскиот речник на министерот Димитров или да се чита меѓу редови од грчките официјални лица.

Како и да е, извори на кои се повикува Независен весник велат дека исчекорот се однесува на името Горна Македонија, односно Upper Macedonia, на јазикот македонски, односно Macedonian со ѕвездичка односно фуснота каде би пишувало дека и припаѓа на словенската група јазици, додека во графата државјанство/nationality би пишувало Горна Македонија.

Неодамна, министерот за надворешни работи Никола Димитров објаснуваше дека треба да се прави разлика меѓу државјанството и националноста како практика во земјите и како неоспорно човеково право.

Што останува да се заокружи?

Од ова произлегува дека клучна пречка за постигнување македонско-грчки договор останува Уставот, на чија промена инсистира Грција, а Македонија се противи.

За време на неодамнешниот престој на екипа на Радио Слободна Европа во Солун, грчки политичари, па и аналитичари со кои разговаравме неофицијално ни рекоа дека се убедени оти ова прашање ќе се решава етапно. Тоа, според нив, значи повторно некакви фусноти во кои би се опишувал процесот на зачленување во НАТО.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје е скептичен за можен напредок на Македонија во Алијансата без конечен договор.

„Ако се постигне договор со кој би се затворило прашањето за името, а во кој одредени одредби од тој договор е наведено дека треба за одреден временски период да бидат спроведени, тогаш да, би можело. Но, ако нема конечен договор, тогаш не верувам дека можеме да очекуваме какво било одблокирање од Грција“, вели Божиновски.

Меѓутоа, премиерот Зоран Заев повтори дека не е возможно Македонија да влезе во НАТО под референцата ФИРОМ, доколку до следниот самит не се најде решение на спорот за името. Тој потсети дека при посетата на Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека таа работа не ја бива.

А дали воопшто ќе ја биде, премиерот, кој во една прилика рече дека е можеби единствениот оптимист дека прашањето за името ќе се реши, порача:

„Кога ќе ја слушнете најавата за средба Заев и Ципрас да знаете дека сме тука со достоинственото решение за државата“, рече Заев во интервју за МИА.