Демократизација на партијата преку измени во партискиот статут побараа фракционерите во ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи окрупнување на „Фронтот за спас“ на оваа партија. Нашата партија е безидејна и влегува во редица грешки, критикуваат претставниците на Демократската фракција, според која сите се обединети кон една цел, а тоа е реформирање на партијата.
„Бараме демократизација, ништо повеќе. Само бараме демократски процеси на избор на тела во партијата ама не од горе, туку од долу“, вели Александар Цезар Коневски од Иницијативата за реформи.
Остри тонови кон работата на ВМРО-ДПМНЕ упати и Филип Петровски. Потенцирајќи дека кризата во партијата кулминирала со, како што рече, наместениот конгрес во Валандово при изборот на актуелниот лидер. Петровски го критикуваше договорот меѓу власта и опозицијата за реформските закони како и одлуката на пратениците да се вратат во собранието.
„Ќе се правела некаква интерпелација? Не, господине Заев и господине Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ не треба да ви направи интерпелација, туку не смее да го признае господинот Талат Џафери за легитимен и во исто време треба сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да поднесат неотповиклива оставка од Собранието. Само на тој начин ќе биде предизвикана оваа ненародна власт која работи против интересите на Македонија и сите граѓани“, рече Петровски.
Од ВМРО-ДПМНЕ им одговорија дека партијата е демократска и дека секој којшто има различно мислење може да го каже.
„ВМРО-ДПМНЕ е партија со огромен демократски капацитет и во рамките на нашата партија и во рамките на нашите органи е дозволено за сите прашања отворено да се дискутира, дури и да има различни ставови и мислења сè до моментот додека нашата партија не донесе конкретен став за отворено прашање. Кое и да е прашање. Во моментот на донесување на партиски став ние сме конзистентни по тој став“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Тие посочуваат дека во нивниот статут нема предвидено фракционерско делување, како и дека тоа нема да го има и во новиот статут на кој се работи.
На Петровски му порачуваат дека нема кредибилитет да бара што било, затоа што, како што велат, тој не е член на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не го ажурирал членството.
„Тоа значи дека Филип Петровски не е член во ВМРО-ДПМНЕ и извесно е дека беше член на Демократска десница, партијата којашто впрочем тој ја формираше, така што Филип Петровски нема кредибилитет да отвора такви прашања и такви теми“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Фракционерите повторуваат дека немаат намера да формираат нова партија и најавуваат дејствување само внатре во партијата. Тие го обвинуваат Мицкоски за непочитување на ветените измени на статутот и продолжувањето да се избираат претседатели на општински комитети на стариот и, како што велат, уште полош начин. Велат дека ќе делуваат со демократски средства и се надеваат дека нивните ставови ќе бидат сослушани и прифатени. Немаат конкретен одговор за тоа дали ќе се приклучат на протестите кои опозицијата ги најави за во мај за рушење на власта.
„Ние сигурно дека сакаме оваа недемократска власт да замине, меѓутоа доколку дотогаш раководството на ВМРО-ДПМНЕ прифати да разговараме и да го промени статутот ние сигурно дека ќе ги поддржиме“, вели Јове Кекеновски.
Членовите на ФРОДЕМ и на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ денеска го повторија неодамнешното барање до новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да си остане на ветувањето дека ќе го усогласи статутот со статутите на сестринските партии од Европската народна партија, во кои ова дејствување постои како опција. Во моментот партискиот статут на ВМРО-ДПМНЕ не дозволува фракционерско дејствување во партијата.