Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак најави дека Русија ќе ѝ одговори на Македонија за протерувањето на нејзиниот дипломат, но „тоа ќе биде промислен одговор, а не избрзана одлука како таа на македонската Влада“.
„Мислам дека оваа одлука во Скопје беше донесена под притисок од надвор и претставува политичката нарачка и задача за да се обезбеди учество на Македонија во колективните мерки на земјите членки на ЕУ и на НАТО во знак на солидарност за случајот Скрипал“, рече Шчербак.
Амбасадорот нагласи дека тоа што одлуката била донесена под надворешно влијание, не ја ослободува од одговорност македонската влада.
Тој истакна дека македонското МНР одбило или не сакало да обезбеди докази дека рускиот дипломат ги надминал своите дипломатски овластувања, што пред два дена го потенцираше шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кога во образложението на одлуката за протерување рече дека рускиот дипломат недозволено прибирал доверливи материјали, односно шпионирал.
„Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече Димитров во образложението на одлуката на МНР.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Амбасадорот Шчербак рече дека и Лондон одбил да даде докази и примероци од материјата со која била отруен Скрипал и поради тоа Русија има право да се сомнева дека британските разузнавачки служби стојат зад целиот случај.
Размислете добро!
На новинарско прашање какви безбедносни последици може да има регионот поради македонското зачленување во НАТО, како што беше предупреден македонскиот амбасадор во Москва, Шчербак рече дека тоа не била закана туку пријателски совет за Македонија добро да размисли во што се впушта кога влегува во една таква воена алијанса која „отворила многу војни“.
„НАТО е инструмент на студената војна и како ние да ги поздравиме обидите Македонија да биде вовлечена во една таква агресивна сила. Вие како граѓани треба да размислите дека Македонија по зачленувањето во НАТО ќе бидете дел од неговата машинерија и полигон за негови бази, и при евентуален напад од Алијансата кон Русија, вие би биле мета на рускиот одговор. Не ви се мешаме во одлуките, но за такви одлуки треба да се има референдум“, рече Шчербак.
По предупредувањето на Москва за безбедносните последици во регионот поради македонското членство во НАТО, минатата недела реагираше и премиерот Зоран Заев.
„Интеграцијата на Македонија во НАТО е стратешка определба и не е во спротивност со унапредувањето на соработката со Русија“, рече Заев, кој вчера изјави дека не сака нарушување на односите со Москва.
Амбасадорот Шчербак на денешната прес-конференција негираше руско мешање и во насилствата во Собранието од 27 април и рече дека ниеден вработен во Руската амбасада во Скопје не бил ниту во ниту околу Собранието тој ден.
Книга на жалост за жртвите од пожарот во Кемерово
Во Руската мабасада во Скопје од денес е отворена книга на жалост поради жртвите во пожарот во сибирскиот град Кемерово, во кој загинаа над 60 лица, од кои повеќето деца.
Амбасадорот Шчербак ѝ се заблагодари на македонија за сочувството што го покажува со повредените и со семејствата на загинатите.