Мал чекор за нас, голем чекор за младите

Блажен Малески, Национален младински совет

Системот на „креираме решенија за проблемите и потребите на младите без млади“ полека но сигурно се заменува со „преку дијалози со млади и заедно со младите креираме решенија за проблемите и потребите на младите“, а тематската владина седница беше првиот чекор токму кон тоа, пишува Блажен Малески од Националниот младински совет во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

На почетокот на изминатата работна недела, а во пресрет на тематската седница за младински политики на Владата на Република Македонија, се потсетив на една поема напишана од Германскиот нобеловец Ерих Кестнер во 1932 година со име „Железничката равенка“. Поемата ја раскажува приказната како сите чинители во едно општество седат заедно во воз и итаат низ времето кон непозната цел. Станици поминуваат, генерации заминуваат, патниците гледаат низ прозорите без точно да знаат каде се, а и најголем дел од нив седат и во погрешните купеа. Возот има кондуктер, но ни тој не знае кон каде цели возот, ниту пак каде се наоѓаат во моментот. Сѐ што знаат е дека седат заеднички во возот кој ита ли ита низ времето, а застанува само на станици за промена на генерации.

Ваквата поема ме потсети на нецелисходноста во младинските политики на Република Македонија во минатото. Од една страна, на сите ни е јасно дека сме во истиот воз, ги гледаме проблемите и потребите на младите, но ниту знаеме кон што целиме, ниту знаеме каде ќе не одведат нашите напори. Кондуктерот на возот, кој е одговорен за своите патници, мудро молчи и се смешка, а од време на време го снемува од видикот на патниците. И така, низ годините, се возевме и возевме кон цел којашто никому не му беше ни јасна, ни видлива.

Иако самата поема е прилично песимистичка во својот контекст и напишана во прилично црни времиња за човештвото, компарацијата на поемата со ситуацијата со младинските политики во мојот случај произведе оптимистични мисли. Прво, бидејќи кога знаете што го манифестира проблемот е многу полесно да најдете решенија за подобрување, а тоа во овој случај е јасната цел на нашиот младинско- политички воз. Второ, бидејќи знаев, барем во овој момент, дека постои можност ние младите заеднички со кондуктерот да го насочиме возот во вистинскиот правец. Вистинската можност за насочувачкиот потфат произлезе со одлуката Владата на Република Македонија својата 59-та седница да ја посвети на младински политики и да им даде шанса на младинските организации да го предложат „курсот“.

Па така, во редовниот вторнички термин за владина седница, се одржа 59-тата седница, посветена на младинските политики во Република Македонија, при што, покрај Националниот младински совет на Македонија, поканети беа претставници на младинските организации: Сојуз за младинска работа, Младински образовен форум, ХОПС – опции за здрав живот, Х.Е.Р.А Асоцијација за здравствена заштита и истражување, Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“. Ваквата констелација за прв пат да бидат поканети младинските организации на владина седница е важен исчекор за нашиот младинско-политички воз. Пред сè бидејќи се поставува еден нов начин во тоа како се креираат политиките за млади. Системот на „креираме решенија за проблемите и потребите на младите без млади“ полека но сигурно се заменува со „преку дијалози со млади и заедно со младите креираме решенија за проблемите и потребите на младите“, а тематската владина седница беше првиот чекор токму кон тоа.

Темите и пораките кои беа пренесени од страна на младинските организации се консолидираа во следните заклучоци и задолженија за младинските организации и државните институции: Работна група за препознавање на младинската работа, работна група која ќе го дефинира ко-менаџмент телото за координација помеѓу младинските организации и институциите и за структурен дијалог, работна група за сеопфатно сексуално образование, работна група за средношколско демократско организирање и учество, работна група за студентско демократско организирање и учество, работна група за мапирање зелени работни места и нивно поврзување со невработеноста на младите во земјава и работна група за изработка на програма за сеопфатна грижа и лекување на малолетни корисници на психоактивни супстанци.

Целта што треба да ја достигне возот со вакви заклучоци е прилично јасен. Младинските работници конечно ќе бидат препознаени како професионалци кои обезбедуваат висококвалификувана поддршка за личен и социјален развој на младите, а младинската работа ќе биде признаена како професија. Младите студенти гласаат за своите студентски пратеници во студентски собранија, ќе добијат нови студентски правобранители кои за првпат прв пат ќе може самостојно да постапува. Од следната учебна година учениците во средните училишта ќе можат да учествуваат на седници на училишните одбори, советите на родителите и на наставничките совети. Младите конечно ќе имаат пристап до сеопфатно сексуално образование, со што ќе имаме генерации на млади луѓе освестени за генералниот концепт на сексуалноста. Младите и малолетните зависници од психотропни супстанци конечно ќе ја добијат поддршката која што им е потребна за ресоцијализација во општеството и поддршката која што им е потребна за достоинствен живот. Зелените работни места ќе бидат иднината на пазарот на трудот за младите, со тоа што ќе се мапираат потенцијалните и сегашните работни места, а преку тоа ќе може да се намали младинската невработеност со навремена специјализација.

Поставувањето на ваквите цели е можеби мал чекор за нас, но претставува голем чекор кон тоа точно дефинирање на целите на младинските политики во Република Македонија. Остана уште да го однесеме возот до целта, со заедничка и напорна работа од страна на сите патници во вагоните. Тоа пред сѐ им го должиме на нашите врсници и на следните генерации што се качуваат во возот.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.