Достапни линкови

Предизвиците на Агенцијата за млади и спорт


Мартин Лазаревски, МОФ
Мартин Лазаревски, МОФ

Од голема важност е Агенцијата за млади и спорт да научи од грешките и пропустите кои беа направени во минатото и резултираа со штета за младата популација, пишува Мартин Лазаревски од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Агенцијата за млади и спорт претставува владино тело кое е надлежно за младите во државата. Таа е уредена со Законот за организација и работа на органите на државната управа и врз основа на тоа, таа има надлежности и одговорности кои треба да ги спроведува во текот на своето работење.

Во рамки на своите надлежности, Агенцијата за млади и спорт е надлежна да ги врши работите што се однесуваат на грижата за психофизичкиот развој на младите и нивната заштита од други болести и зависности, проституцијата, криминалот и други социопатолошки појави, грижата за статусот на младите, поттикнување и помагање на различни облици на организирање на младите, преземање активности за создавање услови за задржување во Република Македонија на способните и талентирани млади, како и создавањето услови за стимулирање на нивното враќање во Република Македонија. Овие надлежности кои се утврдени со закон, треба да бидат извршувани врз основа на законитост, одговорност, економичност, транспарентност, еднаквост и предвидливост.

Вака на хартија сосема солидно изгледа, но во пракса, години наназад сведоци сме дека Агенцијата за млади и спорт не успеа соодветно да одговори на предизвиците пред кои таа се најде.

Почнувајќи од планирањето и носењето на својот буџет, каде што, главен фокус беше развојот на спортот. Па така, најголемиот дел од средствата беа распределени за градење на стотици спортски терени, вложувања во спортски сали, кои беа театрално отворани, а притоа не верувам дека беа доволно искористени, а впрочем, и нема од кого да бидат. Делот посветен за младите беше толку мал, што во повеќе наврати оваа Агенција делуваше како Агенција за спорт.

Меѓутоа, буџетот не беше единственото поле на кое Агенцијата ја изневери довербата на младите. Од извештајот на Националниот младински совет на Македонија за досегашната работа на проширената работна група за избирање младински претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за млади на Западен Балкан (RYCO), може да се увиди дека постојат низа нерегуларности во поглед на роковите за поднесување на апликации за претставник, спроведувањето на изборите, како и низа нерегуларности кои ја загрозуваа легитимноста на изборите. Во овој процес не беа запазени начелата на транспарентност, законитост, еднаквост и одговорност.

Понатаму, отселувањето на младите е тема којашто низ годините сè повеќе и повеќе се актуелизира и истата се движи кон загрижувачки размери. И повторно, во поглед на оваа проблематика Агенцијата за млади и спорт не успеа соодветно да одговори. Повторно како да ја заборави причината поради која беше основана, како да го заборави зборот „млади“, додека, пак, нејзиното влијание на ова поле беше премало за да може воопшто да се спомне. Можеби затоа што спортот (повторно) беше приоритет во однос на младите?!

Во портфолиото на неуспеси, место може да заземе и Националната стратегија за млади 2016-2025. Таа пак, ни на хартија не се покажа во најдобро светло, односно како да го заборавија акцискиот план по кој би се водела Агенцијата за млади и спорт и би ја реализирала Стратегијата во соработка со останатите засегнати страни.

Знаејќи го сево ова, од голема важност е периодот кој следи, односно, Агенцијата да научи од грешките и пропустите кои беа направени во минатото и резултираа со штета за младата популација. Исто така, постојат повеќе предизвици кои се исправени пред нејзе и самата таа треба многу сериозно да ја сфати својата улога во светот на младите.

За почеток, доволно е да се врати довербата на младите во ова владино тело, односно, фокусот да бидат младите и нивните вистински потреби и проблеми, како младинската невработеност, младинско учество, креирање и спроведување на младински политики, соработка со организации коишто работат на полето на млади. Од голема важност е и самите процеси кои се носат и спроведуваат да бидат транспарентни, во согласност со законите, и најважно, да бидат во корист за младите.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG