Со сиот свој творечки опус и, паралелно со тоа, - со својата многустрана дејност во областа на музичката култура и културата воопшто, Марко Коловски во изминатите речиси четири децении од неговата творечка активност стана не само столб на македонската музикологија и музичка култура, туку, во многу нешта - и посебен авторитет и своевиден „еталон“ за проценка на дострелите на другите чинители и појави во македонската култура.
Ова, меѓу другото, ќе биде забележано во информацијата со која на јавноста и беше приопштено дека музикологот, публицист, новинар и општественик Марко Коловски, е годинешен добитник на наградата „Трајко Прокопиев“, која претставува највисоко признание кое го доделува Сојузот на композиторите на Македонија на музички творци и проследувачи за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата.
И, понатаму во дополна ќе биде речено дека тој е автор на голем број книги посветени главно на македонското творештво, а за две од нив („Македонски композитори и музиколози“, 1993 и „Зографски“, 2011) е добитник на наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологијата кај нас.
Коловски е потписник исто така и на десетици статии и есеи за различни стручни прашања објавувани во наши и странски списанија, потоа, автор или ко-автор на повеке монографски изданија пишувани по повод јубилеите на најважните институции кај нас („35 години Охридски лето“, 1996; „50 години Охридско лето“ 2011; „50 години Факултет за музичка уметност“, 2016 (ракопис); „70 години Македонска опера“, 2107, - во печат), учесник во низа енциклопедиски проекти (МИ-АН – Општа енциклопедија; ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА; МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА „КУЛТУРАТА НА МАКЕДОНИЈА НА 20-ОТ ВЕК“: ENCIKLOPEDIA MACEDONIKA итн.) меѓу кои (како член на редакцијата и изготвувач на над сто енциклопедиски едници) и на „Енциклопедијата на Македонија“ во издание на МАНУ.
Во неговиот творечки опус посебно место заземаат и над 600-тините критики објавени на програмите на Македонското радио и низ периодиката во Македонија. Тука се и големиот број циклуси радио емисии, документарни емисии итн. Во време кога раководеше со државниот Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ (2002-2006 г.), покрај другото беше автор или ко-автор на неколку кореодрами како и коавтор на обемниот труд за највозбудливото македонско оро „Тешкото“ и автор за сценарист за документарниот филм за него. И, овде не е крајот во набројувањата...
Значи одлуката си е на место, но човечки е не секогаш да бидеш подготвен за признанијата за трудот, па затоа и не чуди кога Коловски многу искрено ќе рече дека доделувањето на наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело од страна на СОКОМ, најнапред го примил со извесна доза на изненадување, а потоа, откако си дошол на себе, и со задоволство заради големото признание што му е укажано.
„Ниту ова, ниту пак другите признанија што сум ги добил, не биле моја однапред зацртана цел. Обично цел ми била работата што во моментот ја работам и што треба да се заврши. Почесто тоа биле паралелно повеќе задачи и нивниот крај бил целта кон која сум се стремел. Задоволството од нивното завршување било и извесно олеснување пред товарот и одговорноста. Затоа, велам, не сум имал ниту ваква, ниту друга поголема претходно зацртана цел или амбиција. Но, ете. Текст по текст, статија по статија, есеј по есеј, книга по книга, па различни други и стручни и општествени и административни задолженија и „багажот“, ако може така да се каже – се наполнил доволно за да може комисијата да ми ја додели оваа значајна награда што ја добиле повеќе великани од македонската музичка историја. И затоа, во моментов, освен среќата и задоволството чувствувам и голема доза на одговорност во однос на она што треба да се направи, а во што очигледно ќе морам да дадам придонес со својата партиципација“, вели музикологот.
Наградата на добитникот ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41-то издание на Денови на македонска музика, на 22 март, во Македонската филхармонија. Тоа за него е посебна чест, бидејќи како што вели Манифестацијата има огромно значење за македонската музичка култура и културата воопшто.
„Кога го велам ова мислам на тоа дека ова е 41 издание. Мислам на фактот дека голем дел од македонското музичко творештво на коешто сме сведоци денес, а е создадено во последниве пет децении, немаше да биде создадено доколку не беа Деновите на македонска музика. Поголем дел од вкупното македонско музичко творештво немаше да биде изведено доколку не беа Деновите на македонска музика. Исто така голем дел од македонските музички уметници и ансамбли немаше да имаат можност за ваква афирмација каква што ја имаат денес, доколку не беа Деновите на македонска музика. Затоа е мојот респект кон оваа манифестација и моето сфаќање за нејзиното фундаментално значење за македонската музичка култура“, истакнува тој.
Инаку, Марко Коловски е голем работник. Еден од оние кои и да не знае за одмор. Тој е познато дека паралелно е ангажиран на неколку проекти. Чисто како пример, само што ги заврши пообемниот текст за 70-годишнината на СОКОМ и еден помал есеј за списанието „Музика“ и за неговото значење за македонската музикологија и музичка култура. Привршени му се и, за жал, сеуште необјавени текстовите за монографиите на јубилеите на Факултетот за музичка уметност и на Македонската опера и балет.
„Во фаза сум на подготовка на еден проект што опфаќа дигитализација на објавените критики во македонската периодика од 1930 година до денес. Во почетна фаза сум на средување на оставнината на Академик Властимир Николовски како вовед во пишување на соодветна монографија за него. Чекаат и други обврски што сигурно не можам сам да ги завршам, (на пример монографии за некои од големите македонски композитори како што се Тома Прошев или Ристо Аврамовски, но кои, со учество на младите музиколози и со нивна соодветна координација ќе можат да бидат и започнати и привршени. Годинава треба да заврши еден голем проект на МАНУ во кој треба да имам определени редакторски обврски и така натаму, и така натаму. Значи работа има и премногу. Потребно е само енергија и се надевам – пристојно здравје“, порачува Коловски.