Ден Д за Законот за употреба на јазиците

Архивска фотографија - собраниска седница

Законот за употреба на јазиците денеска е на дневен ред на пленарната собраниска седница. Сè уште е нејасно како ќе се одвива таа и дали ќе се разгледуваат илјадниците амандмани што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.

Со задоцнување од околу 15 митнути попладнево почна пленарната седница на која прва точка на дневен ред требаше да биде Законот за употреба на јазиците. Но, кусо по почетокот претседателот на Собрание, Талат Џафери даде пауза од еден час.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара да се одржи состанок на мандатно-имунитетна комисија за да се расправа за целата процедура околу законот. Тој зборуваше повеќе од предвиденото и доби неколку опомени од претседателот на Собранието. Џафери го прескокна Законот за јазиците, по што пратениците гласаа за други два закони, кои се исто така се на дневен ред на оваа седница.

Додека пратениците од мнозинството гласаа, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа пауза. Според собраниските служби, пријавени за збор се повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме пред зградата на Собранието неколку стотини луѓе протестираат против донесувањето на законот затоа што сметаат дека на тој начин ќе се уништи Македонија.

Пред почетокот на седницата останува нејасно како претседателот на Собранието Талат Џафери планира да ја води. ВМРО-ДПМНЕ поднесе илјадници амандмани за законот за кој тврдат дека е противуставен. Пратениците од опозициската партија, според најавата на нивниот лидер Христијан Мицкоски, ќе присуствуваат на пленарната седница. Тој вчера повика на разум и на почитување на Деловникот и законите, бидејќи усвојување на законот не смеело да се дозволи.

Лошо ќе влијае врз Република Македонија, за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница, но и пред домашната јавност. Затоа уште еднаш за последен пат повикувам на разум. Да се избегне девијантно однесување во парламентот, насилно усвојување на овој закон“, рече Мицкоски.

Од владејачкото мнозинство, пак, најавуваат дека законот до крајот на неделава ќе се донесе без амандманска расправа, но и од таму не се откриваат детали како ќе се изведе тоа.

Премиерот Зоран Заев деновиве исто така рече дека прашањето за Законот ќе биде затворено оваа недела, а дека за него се дебатирало девет месеци и сите си кажале сè што имаат да си кажат.

Нека се донесе Законот, нека се спроведе и ќе видиме сите дека не било ништо толку тешко и трагично, туку ќе овозможи полeсно да се разбираме едни со други“, рече Заев.

Законот за употреба на јазиците беше донесен на 11 јануари, а на 17 јануари претседателот Ѓорге Иванов објави дека не го потпишал указот оти законот бил усвоен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност, без опозицијата и дека не бил усогласен со Уставот.

Потоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 35 000 амандмани за законот со што се отежна неговото повторно гласање. Минатиот вторник беше закажана седница, но по неколку одлагања, претседателот на Собранието Џафери даде една недела шанса за дијалог. Тој рече дека е подготвен да закаже уште една седница на која директно ќе се гласа за донесување на Законот за употреба на јазиците, без притоа да се прифати разгледување на амандманите кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.