Заострени изјави од Скопје и Атина - фолклор пред финалната фаза

Архивска фотографија - Заедничка прес-конференција на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос

Во очекување на посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Македонија и потоа средбата со посредникот во спорот за името Метју Нимиц, Скопје и Атина почнаа да си разменуваат позаострени изјави. Според аналитичарите, ова е нормален фолклор пред финалната фаза разговори.

Реакции во Грција по изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за нивниот Устав, несогласувања меѓу тамошната власт и опозиција за начинот на кој се водат преговорите за името и по некоја остра изјава од Атина е ситуацијата која ги отсликува последниве денови односите меѓу двете страни. Навидум позаострената атмосфера, според дел домашни аналитичари, сепак е нормална.

Според Ненад Марковиќ, политиколог од правниот факултет Јустинијан Први, очекувано е периодов да се додефинираат порадикални позиции во пресрет на финалната фаза на преговорите за потоа, како што вели, двете страни од таквите ставови да тргнат кон договор.

„Јас се надевам дека ваквите изјави се само последица на влегување во една конечна фаза на разрешување, а не дека атмосферата сама по себе е уништена или расипана, или дека преговорите се пред пропаѓање. Мислам дека тоа сè уште не е така“, вели Марковиќ.

Со слично мислење е и Алберт Муслиу, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, кој периодов го дефинира како влегување во финалната фаза од преговорите.

Сето ова е фолклор на двете страни за заземање позиции пред финалната фаза“, вели Муслиу.

Во меѓувреме шефот на грчката дипломатијата Никос Коѕијас на Владата во Атина и ги претстави клучните точки од нацрт-договорот што ќе и биде доставен на Македонија. Во него, како што јавија грчките медиуми, имало и нови елементи кои дополнително биле додадени во документот, а Коѕијас би можел следната недела да допатува во Скопје за да му го врачи на македонскиот колега Никола Димитров. Марковиќ очекува тој документ да биде, како што вели, доста радикален и да ги содржи грчките максималистички позиции.

Не мислам дека треба да се возбудуваме премногу за она што Коѕијас ќе го донесе во Скопје, туку да сфатиме дека тоа е една почетна точка од која ќе се преговара, така што моите очекувања се дека нацрт-документот на прв поглед ќе биде непријатен, но важно е да не се излезе од рамката“, вели Марковиќ.

Инаку, според грчките медиуми, нацрт-спогодбата има 20 страници со седум точки кои се однесуваат на името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите.

Марковиќ вели дека е можно ако Грција сака да ги саботира преговорите, а Македонија да испадне виновна за тоа, да даде дополнителни услови и затоа сугерира на високо ниво да се договорат конкретните точки за преговори и надвор од нив да не се оди.

Деновиве, пак, во Грција продолжуваат несогласувањата меѓу премиерот Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис.

Мицотакис, ја обвини грчката Влада дека нема една и заедничка позиција за името, додека, пак, Ципрас, возврати дека Нова демократија отстапила од националната линија и уште еднаш ги повтори грчките позиции во разговорите. Мицотакис ја спомена и изјавата на премиерот Заев, интепретирајќи ја како храброст да се побара промена во грчкиот Устав и за тоа ја обвини власта.

Заев пред три дена во контекст на грчкото барање за промена на македонскиот Устав рече дека тој е подготвен, како Грција води грижа за Грците надвор од земјата, исто и Македонија да води грижа за Македонците надвор од државата.