Во Скопје за една недела имаше два протеста на кои излегоа неколку илјади луѓе, а истовремено собири има и во дијаспората на кои излегуваат македонските иселеници со барање да се прекинат преговорите за решавањето на проблемот за името со Грција.
Сепак, според дел аналитичари, ваквите акции не би требало да влијаат врз процесот на преговори што го водат Скопје и Атина. Според професор Никола Дујовски од универзитетот Климент Охридски и покрај посетеноста не се ова, како што вели, протести кои имаат моќ да променат државна политика.
„Мислам дека државната политика и понатаму ќе оди кон барање решение и тоа не може да зависи од расположението на група луѓе, па дури и бројката да е поголема од тоа што сега го гледаме“, вели Дујовски.
Протестите се одржуваат како дел од глобалното движење „Ние сме Македонија“, кое пак го координира Обединетата македонска дијаспора. На скопскиот плоштад протестот беше во организација на „Нашето име е наше право“. Тие на својата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук наведуваат дека се вмрежиле неколку помали здруженија од Македонија, заедно со активисти од македонската заедница во Австралија, од Обединетата дијаспора од САД и здруженија од многу европски земји. На речиси сите собирања вклучително и на оној во Скопје имаше идентични банери и пораки.
Според политичкиот аналитичар Џелал Незири протестите не се многу масовни, но, вели, имаат тренд на зголемување.
„Според мене таквиот тренд покажува дека има политички структури и провиниенции кои сакаат да профитираат на оваа тема, земјата да не го реши проблемот за името и веројатно на некои центри на моќ им одговара тој антагонизам кој владее речиси децении со Грција“, вели Незири.
Лидерите со умерени тонови
И додека се случуваа протестите, викендов во Скопје се одржаа две одделни средби на партиските лидери. Прво претседателот на ДУИ Али Ахмети беше на гости кај својот колега од ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а тој пак во неделата отиде во владата да се сретне со премиерот Зоран Заев. Тоновите по средбата поврзани со прашањето за името беа умерени.
Мицкоски рече дека разговарале и за преговорите за името, немало поместување од презентираното на лидерската средба, а нивниот став останува дека нема да поддржат промена на Уставот, а за идентитетските прашања не треба да се разговара.
Премиерот Заев најави дека шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас треба да пристигне во посета на Скопје во втората половина на март. Новата рунда во преговорите под раководство на медијаторот Метју Нимиц, според него, се очекува да биде закажана на крајот на март или почетокот на април.
Затишје во директните контакти Скопје-Атина
Инаку посетата на грчкиот шеф на дипломатијата беше најавувана за крајот на февруари, па за почетокот на месецов, за сега да се зборува за доаѓање во втората половина од март. И средбата со Нимиц требаше да биде закажана веднаш откако ќе се направел, како што рече, сублимат од средбата што се одржа во Виена на 13 февруари.
„Мислам дека овој период на затишје е исклучително корисен, оти работните групи работат и јас силно верувам дека секој ден сме се поблиску до решение“, вели Дујовски.
Инаку од движењето „Ние сме Македонија“ кои стојат зад протестите покрај итен прекин на разговорите со Грција и неменување на уставното име, бараат и повлекување на законот за јазици, организирање попис под мониторинг на реномирана меѓународна организација, неменување на историјата на Македонија, зачувување на статусот на МПЦ и интензивирање на грижата за Македонците во соседните држави.