Чистиот воздух е одлика на селата на Шар Планина за разлика од градот Тетово, но идиличната слика за убава животна средина ја расипуваат фрлените отпадоци и складиран смет. Мештаните се согласни дека природата ги дарувала овие места и самокритични дека со несовесните постапки ја уништуваат.
„Навиките на граѓаните се навистина за секоја осуда. Затоа што тие знаат да направат од добра средина, да направат многу лошо. Тоа сум видел и во нашиот крај, сум видел и во теаречкиот крај, а сум видел и во Камењане, Речица. Стварно планината е убава, меѓутоа е толку загадено. Луѓево целокупниот отпад од дома што го имаат го носат во најубавите места и наградуваат“, вели Стојче Ѓорѓевски од месната заедница на Старо село.
„Постои непишано правило во руралните средини, посебно во нашево опкружување во тетовскиот регион, тие пластични шишиња и најлонски кеси, завршуваат во природните водотеци. Уште поголема штета е што покрај самата почва се загадуваат и водите“, вели Војо Гоговски од Непроштено.
Голем дел од селата на Шар Планина на потегот од Тетово кон Косово претставуваат излетнички дестинации и се посетени од многу луѓе од други краеви. Затоа претставниците од месните заедници сметаат дека општините и централните власти треба внимателно да работат на подобрување на условите за економски развој.
„Ми се чини дека со отворањето на повеќе погони кои ќе ги рециклираат овие пластични отпадоци, многу ќе се подобри состојбата. Каде било да поминете кај тие локални депонии - преовладуваат отпадоци од неоргански природа. Повеќе треба да се поработи на свеста“, смета Гоговски од Непроштено.
„Тој вратничкиот крај односно во близина на Старо село ние имаме на 4-5 километри, пет рудници за варовник. Тоа е еден дел кој е „роден“ за рурален и планински туризам. Меѓутоа државата даваше доста концесии. Тука може да се најде навистина многу отпад. Од песок, од ѓубре, од прашина песочна. Што е лошо и не дава можност за развој на рурален туризам“, истакнува Ѓорѓевски од Старо Село.
Претежно сите рурални општини имаат ангажирано фирми концесионери задолжени за собирање на сметот од домаќинствата. Како за Тетово така и за руралните средини како долгорочно решение се смета функционирање на регионалната депонија во Русино според европските стандарди и со рециклирање на отпадоците.