ЕУ им ветува на сите балкански држави влез до 2025 година

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јункер: сите балкански земји можат во ЕУ до 2025 година

Шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер им порача на сите земји од Западниот Балкан дека 2025 година е датумот кога би можело да пристапат во Европската унија, под услов да работат на исполнување на критериумите за членство.

Јункер се наоѓа на неколкудневна турнеја по земјите на Балканот кои се стремат да влезат во Европската унија.

Турнејата ја започна во Македонија по што замина за Албанија.

На прес конференцијата во Тирана, Јункер рече дека 2025 година е можен датум за влез за сите, а не само за оние што ги имаат почнато преговорите за влез во Унијата.

„Би сакал да кажам дека спротивно на она што го читаме насекаде, Комисијата и јас не кажавме дека Србија и Црна Гора неопходно ќе бидат членки на ЕУ во 2025 година. Датумот 2025 година е отворен за сите земји-кандидатки. Во онаа мера во која земјата-кандидатка тогаш или подоцна или порано ќе ги исполни сите критериуми за членство, ќе продолжиме така што нејзините напори ќе бидат признаени од Европската унија“, рече тој.

Србија и Црна Гора досега најмногу напредуваа на патот до Унијата.

Тие преговараат за неколку поглавја од многуте што треба да ги решат пред да се приклучат.

Албанија и Македонија очекуваат зелено светло за започнување на преговорите за пристап во јуни годинава.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер по неговата денешна и утрешна посета на Србија заминува за Подгорица каде што ќе им се обрати на пратениците на црногорското собрание.

Јункер на 28 февруари ќе престојува во Сараево каде што ќе му се приклучи и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

По престојот на Косово европската делегација ја завршува балканската турнеја на 1 март во Софија каде што заедно со премиерот на Бугарија која претседава со ЕУ, Бојко Борисов ќе се состане со лидерите на Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово и Србија.