Состојба со Пензискиот фонд е неодржлива и нешто мора да се менува, велат економистите по категоричните посочувања на монетарците за зголемување на старосната граница за пензионирање, со цел одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Во изминатите години и домашните експерти повеќе пати јасно кажаа дека од година во година има постојано зголемување на дефицитот, а сега укажуваат дека веќе се соочуваме со ризик Фондот да стане неодржлив.
Предлог мерките што ММФ ги препорачува во однос на консолидација на пензискиот фонд се очекувани, вели академик Абдулменаф Беџети и потсетува дека и МАНУ пред неколку години промовираше слични мерки. Тој посочува дека во нивната анализа се препорачуваат интервенции во старосната граница и укажува дека во спротивно Македонија ќе се соочи со ризик од натамошно зголемување на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Секоја година тој тренд се влошува за нови 30 до 40 милиони кои се потребни за субвенцинирање на Фондот од централниот буџет, вели Беџети.
„Ние сме сè уштe во прилично нискa стaрoснa граница во oднoс нa западноевропските земји. Таa постепено треба дa дојде до едно ниво во кое и можеби да се израмнат за двaтa пoла на 65 или 66 со 64 години. За еден период во блиска иднина до тoa мора да дојде“, изјави Беџети.
Тој посочува дека долгорочно решение треба да се бара економско одржливи мерки, а тоа е пред сè во пораст на вработеноста што е најдобро решение.
Еден од предизвиците е да се размислува и за зголемувањето на придонесите. Економистите имаат различни ставови.
Според некои размислувања, треба да се размислува за мало зголемување на придонесите кое нема дополнително многу да го оптовари стопанството, а може да направи мал баланс во фондот.
Поранешниот министер за финансии Трајко Славески вели дека е неопходно да се преземат непопуларни мерки во ситуација кога се натрупани проблеми и кога се соочуваме со критична состојба во која има потреба од дополнителни средства од буџетот за да може да се исплаќаат редовно пензиите. Тој посочува дека и други земји имаат слични проблеми и дополнува дека значаен дел од средствата се одлеваат во приватните фондови и оти една од главните причини за растечкиот долг на ПИОМ е преминот кон вториот столб. Според неговите пресметки, во вториот столб се одлева една третина од стапката од придонесите што, како што вели, и во светски рамки е значителен обем.
„И мој предлог е дека на краток рок може е опортуно да не се зголемува стапката од 18 отсто, зашто таа поволно влијае на намалување на невработеноста, а секое зголемување на стапката значи намалување на платите, зашто придонесот се одбива од бруто платата и директно оди на ковертот на работникот. Значи ако се намали оваа стапка, како што направија речиси сите земји на сметка на повеќе средства за државниот фонд, да речам мојот предлог беше од шест сега, нека останат барем за извесен период од пет години три отсто, а другите процентни поени да се префрлаат во Фондот, тоа значи 55 милиони евра плус средства во Фондот на годишно ниво“, вели Славески.
Тој посочува дека треба да се направи анализа на потребата од воведување на вториот пензиски столб. Тој вели дека светските искуства не се многу поволни и оти некои земји како Унгарија и Полска веќе ги национализирале и ги укинале приватните пензиски друштва, а дека голем дел од земјите ги намалиле стапките што се издвојуваат во нив. Слевески посочува дека 20 проценти од загубатa во Фондот се должи на тоа што се одлеваат средствата во приватните фондови.
Академик Беџети вели дека во овој момент сите ја чувствуваме цената од претходните политики на зголемување на пензиите и намалување на придонесите, без тоа да биде поткрепено со пораст во економијата.
„Веќе 10 години наназад ние зголемуваме пензии со номинална стапка на покачување на пензиите повисока од растот на економијата. Без пораст на продуктивноста, без пораст на вработеноста и без пораст на реалната економија, ние секоја година по пет до седум проценти ги покачивме пензиите. Истовремено ги намаливме придонесите и тие се на пониско ниво за три до четири отсто во однос на тоа што беа во 2018 година“, вели Беџети.
Инаку, министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека не треба да се посегне кон зголемување на прагот за пензионирање, сè додека не се искористат сите други можности.
Во однос на најавите за раст на персоналниот данок, Тевдовски најави дека до крајот на април ќе почнат јавните дебати за оваа реформа. Тој нагласи дека прогресивното оданочување на персоналниот данок на доход е воведено во најголем дел од држави од ЕУ каде, како што посочи, има многу посериозни стапки од оние кои ќе бидат воведени во Македонија.