„Госпоѓиците од Авињон“ на Димовски или потрага по суштината на уметноста

Работена по текст на Сашо Димовски, а во режија на Ненад Витанов, во среда на 21 февруари, на малата сцена на Македонски народен театар, ќе се случи праизведбата на „Госпоѓиците од Авињон“. Според нејзините творци, ова е „почеток на постдрамскиот театар кај нас и за претстава – ода за создавањето на уметничко дело која не бара да биде разбрана, туку почувствувана“.

Во пресрет на праизведбата на „Госпоѓиците од Авињон“ на малата сцена во Македонски народен театар, авторот Сашо Димовски знае да каже дека драмскиот текст е напишан „за зуењето на една мува како вечна потрага по уметноста“. За звукот кој никогаш не престанува да не обременува, односно за текстот или гласот на текстот кој секогаш во различни околности, различно погледнат, различно значи. Од тој аспект, како што вели, пикасовата слика „Госпоѓиците од Авињон“, настаната 1907 година, ја деконструирал на еден принцип кој нему му значи, односно дека се обидел во сето тоа да го пронајде она што него го провоцира да пишува – да појде чекор понапред во осознавањето на самиот себе си преку ефемеријата која стои во дидаскали, односно не е директна реплика.

Димовски дополнува дека текстот е организиран во седум сцени во кои се поставени хипотетичките барселонски куртизани насликани на пикасовата слика погледнати од една друга толкувачка призма или практика на промислувањето театар генерално. Вели дека петте биографии на исто толкуте исклучителни жени кои едновремено биле музи и уметност сама за себе биле дел од неговиот истражувачки процес додека работел на текстот, но му негостигало цело време врзното ткиво. Знаел дека е тоа фрагментарна веќе видена драматургија, но се прашувал како натаму во пишувањето и создавањето театар и со тоа негова исценација во иднина.

„И некако ми се јави таа мува како врзно ткиво кое ги врзува сите сцени и која е метафора за сето она видливо и невидливо, за отсутното и присутното и за секогаш важната потрага по суштината на уметноста доколку таа воопшто може и да постои сведена на една именка. Оваа претстава не бара да биде разбрана, туку почувствувана. Од таму очекувам дека таа практично ќе значи пробив на нов пристап во театарот кај нас што ќе го замени фабуларно-наративниот“, вели Димовски.

Згора на тоа драматургот забележува дека во четвртата соработка во континуитет со режисерот Ненад Витанов дури отишле чекор понатаму во истражувањето на театарот. И што тој, пред сè интимно, „им значи како можност и како поле да ја исценираат сопствената слобода“.

Витанов, пак, говорејќи за „Госпоѓиците од Авињон“, смета дека целата претстава е колажна, со многу измешани жанрови во неа и дека зборува за некои делови од животот на познатиот сликар Пабло Пикасо и неговите љубови, неговите музи.

„Најавата би била дека гледачите ќе имаат можност да видат една неспецифична претстава која сепак комуницира со публиката на еден емотивен начин. На еден малку поинаков искривен естетизиран потег кој го направивме во оваа претстава“, вели тој.

Инаку, во оваа драма, ликовите на петте жени-музи што го инспирирале Пикасо ги толкуваат Софиа Насевска-Трифуновска како Дора Мар, Искра Ветерова - Олга Коклова, Гордана Ендровска - Франсоаз Жило, Ана Стојановска - Мари-Терез Валтер и Звездана Ангеловска или Ева Гуел. Од друга страна, актерот Васил Зафирчев бил задолжен да ги отелотвори ликовите без важни својства и самиот Пикасо.

Ангеловска, која во процесот на подготовка на проектот не била од самиот почеток, истакнува дека бидејќи се работи за еден неспецифичен текст таа се почувствувала „како сè уште да не е во комфорна зона и тоа за неа бил големиот предизвик“. Дополнува дека прашањето што го отвора е прашањето за уметноста, за инспирацијата, за музите, за тоа колку е тенка линијата помеѓу уметноста и животот, љубовта и омразата, животот и смртта...

„Се надевам дека и неупатената публика којашто не е толку информирана за овој вид на уметност ќе најде некое емотивно препознавање со судбините токму на овие жени којшто биле инспирација на Пикасо, кои имале лична приказна а истовремено ја почувствувале неговата уметност. Значи, не мора секој уметник да биде уметник за да ја разбере уметноста“, вели таа.

За Гордана Ендровска, која ја игра Жило, единствената сè уште жива муза на Пикасо и жената која му рекла „не“ на славниот сликар, најпровокативното нешто во претставата било што наново била исправена пред преиспитувањето на темата што е љубовта. Затоа таа сакала да и даде „живот на жената од крв и од месо“, оти како што истакнува „сето останатото е заробено во сликите на големиот уметник“.

Софиа Насевска-Трифуновска ќе рече дека нејзината душа е меланхолична и дека и претставата ќе излезе таква и дека тоа ќе излезе на површина, а Искра Ветерова истакнува дека текстот има „една оригинална органика која не ти дозволува, а да не ја почувствуваш неговата силина“. Таа дополнува дека тие играат само пет од многуте жени на Пикасо кои едновремено му биле музи, но кои потем биле „како крпи фрлени од уметникот“.

„Ние во оваа претстава, како и во текстот, не се занимаваме биографски со нивните животи, но со нивната состојба на заглавеност која ги остави замрзнати во времето на начин на кој ги гледал. Онака како што тие го инспирираа. И до крајот на векот и светот луѓето ќе продолжат така да ги гледаат. Според мене целата претстава е ода за создавањето на едно уметничко дело и сите премрежија и дамари низ кои поминува уметникот кога го создава без да прави некакви компромиси и резултатот потоа ги фасцинира или запрепастува гледачите“, вели Ветерова.

За Васил Зафирчев, особено значајно е тоа што „Госпоѓиците од Авињон на Сашо Димовски е почеток на постдрамскиот театар кај нас. Затоа тој не случајно вели:

„Тој е реакција на модерната и постмодерната. За мене беше најпровокативно како приказната од текстот да се пренесе на минималистички, едноставен и сугестибилен начин. Оваа претстава најсетилно ќе комуницира со публиката без оглед на нивното предзнаење на постдрамските форми на театарот и на биографиите на Пикасо и на петте жени што имаат значајно место во неговиот живот“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека сценографијата за претставата е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, а композитор на оригиналната музика Калиопи Букле.