Во предвечерието на отворањето на изложбата „Невидени“, на која во Отворено графичко студио во Скопје ќе претстави 30 колажи работени во периодот од 1988 до 1995, ликовниот уметник Јован Балов знае да каже дека таа се случила сосема спонтано. Природно. Дека во 2016 година гостин во Прима центар Берлин бил неговиот колега и пријател Атанас Ботев. Тој тогаш го посетил и неговото ателје и низ разговор дошле до идеја да јавно претстават нешто од Балов што досега не и било достапно на македонската публика а настанало во некои посебни услови.
„Јас се сетив дека во периодот од 1988 до 1995 година, во за мене една посебна состојба, имав направено колажи кои беа автобиографски и кои бележеа еден период од мојот живот, еден период од промена на една средина и му велам на Ботев еве тоа е таа мапа која досега не сум му ја покажал никому. Практично тој беше првиот кој ги виде тие колажи по цели 20 години“, вели авторот.
Уметникот дополнува дека тогаш се случила една фасцинантна состојба бидејќи тие дела по две децении „поинаку рефлектираат и дека идејата всушност била на Ботев, како раководител на Отворено графичко студио, колажите да ги донесе во Скопје и за прв пат официјално да и ги понуди на домашната културна јавност.
Затоа не чуди што во каталогот за поставката „Невидени“ приредувачот ќе напише: Кога во далечната 1989 година пристигнал во западен Берлин, Јован Балов се соочил со големи предизвици. Токму таа година се случија општествените и политичките превирања во земјата, а Балов ја доживуваше драмата на поделен град. Како и секој тукушто пристигнат мигрант така и тој на своја кожа ги почувствувал основните егзистенцијални проблеми. Во тој период се уште немал атеље ниту пак основен сликарски прибор па се снаоѓал како што знаел и умеел со се она што во тој миг му било на располагање.
Промената на животната средина и откривањето на берлинската арт сцена го довеле во состојба во која што неминовно морал да го преиспита сè она што до тој миг го беше апсолвирал и научил. Токму во тој период (1989-1995) настанаа бројни цртежи, мали хартиени објекти, фотографии, текстови, петски коментари, акварели и слики. Сиот овој материјал Балов решил да го артикулира во една хомогена органска целина па оттаму настанале колажите кои досега никогаш не биле јавно изложувани а потписникот на овие редови со гордост може да каже дека е првиот кој воопшто ги видел.
Конечно тој ќе констатира и тоа дека колажите во „Невидени“ се своевиден дневник, интимен запис за едно време во кое Балов страсно ги впивал импресиите од актуелната берлинска уметничка и културна сцена. Во нив се имплементирани размислувањата и истражувањата на ликовно-естетски план. Тие се опираат на некаква ригорозна стилска категоризација. Станува збор за специфичен конгломарат од стилови, техники и медиуми процедени низ филтерот на една јасно изградена авторска поетика. Искрени, непретенциозни пастиши во кои се вткаени фино оркестрирани елементи, суптилен но сигурен цртеж, безгранична љубов и ентузијазам...
Балов, во контекст на ова, со појаснување дека во денешно време колажите ги доживува како своевидни автобиографски записи.
„Тие се сведоштво на еден бурен период, на едно друго време кое јас, на некој начин, сум го доживувал суптилно, сум го дефинирал тој простор како мој личен простор и сум се обидел да се идентификувам со него. Тоа се дела во кои има безброј различни ликовни и естетски постапки од секакви можни агли. Преиспитување на тоа што е уметност, што би можело да биде уметност. Преиспитување на тоа кој сум јас, каде сум јас во Берлин, во тој град, во таа средина. Секако дека тоа за мене беше еден многу интересен начин на самооткривање“, вели тој.
Уметникот и со појаснување дека цели 10 месеци тој го живеел поделениот Берлин и дека токму во тој период настанале сегментите кои потем благовремено ќе послужат за формирање на делата.
„Го почувствува Западен Берлин како град на една експериментална сцена. Како град на едно истражување, барање, ослободување. На преиспитување на сите морални категории и вредности. Всушност преиспитување и на тоа што е морал. Мислам дека тоа беше една посебна средина. Еден по многу инаков град. Мислам дека токму тоа откривање на тој град беше пресудно за мене до ден денес да останам да живеам во Берлин. Секако дека сите ние кои на тој начин сме го доживеале до ден денес го бараме да го видиме тој град. Да го видиме таквиот Берлин во денешен модерен Берлин“, вели тој.
Прашан, пак, што по оваа изложба на творечки план, Јован истакнува дека кога ги собрал за транспорт тие 30-на дела му дошла мисла дека можеби не би било лошо повторно да се концентрира на тоа што е денешен Берлин. Што е тој самиот во една таква урбана средина и да направи втор серијал на колажите.
„Јас 28 години живеам во Берлин и веќе не се сомневам во тоа дека доаѓа времето за таков еден потег. Да, дефинитвно треба да направам нова серија, но ќе оставам таа да се случи непосредно. Без каков било притисок. Ќе чекам да созрее и едноставно да излезе од мене. Можеби тој ден ќе се случи после 30 години, не знам“, вели Балов.