Не е проблем бројот на гинеколози, туку стручноста и организараноста

Министерот Филипче вели дека не е вистина оти во 40 општини нема матични гинеколози. Според него, нема гинеколози во пет општини во внатрешноста и една во Скопје. Од Здружението на матични гинеколози, пак, велат дека во повеќе од пет општини нема гинеколог, но оти ги задоволуваме европските стандарди за лекар по глава на жители.

Министерот за здравство Венко Филипче негира дека во 40 општини нема матични гинеколози, како што го прозва јавноста и оти проблемот е присутен во пет општини во внатрешноста - Македонски Брод, Демир Хисар, Крушево, Пехчево и Ростуше, а во Скопје нема гинеколог во општината Бутел.

Осврнувајќи се врз планот со кој треба да се влијае на високата стапка на смртност на новороденчињата и родилките во Македонија, тој рече дека наодите водат кон тоа дека треба да се стави поголем фокус врз прашањата за набавка на апарати за гинеколошката клиника во Скопје, подигнување на нивото на знаење во струката, примање нови гинеколози во општините и активирање на мобилни гинеколошки амбуланти сместени во специјални возила за пациентки на кои не им е таа услуга достапна.

„Нема гинеколoзи во пет општини, а решенијата ги спомнав со едукација, примање нови кадри, мобилните амбуланти и подигање на свеста на жените насекаде низ државата“, изјави министерот Филипче, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во јавноста имаше информации дека од 80 општини, во 40 нема матичен гинеколог, додека во 25 други општини нема доволен кадар. Од здружението на матични гинеколози велат дека нивните сознанија зборуваат оти во повеќе од пет општини нема матични гинеколози. Претседателот на Здружението доктор Душко Филиповски вели дека можеби е заклучено оти во 40 општини нема матични лекари, но објаснува дека тоа не значи оти и најмалата општина мора да има лекар. Според него, проблем е што кај нас нема едуциран средно- медицински кадар да врши дијагностички и тераписки процедури како во Европа.

„Според тоа дека има 80 општини во Македонија нашите сознанија се дека повеќе од пет општини немаат матични генеколози. Но, бројот на општини не значи дека секоја општина треба да има гинеколог. Може да има еден матичен гинеколог на неколку општини кои се блиски една до друга. Европските стандарди велат дека на пет до шест илјади жени треба да има матичен гинеколог и во тој смисол европските стандарди ги исполнуваме. Имаме матични гинеколози според бројот на жени. Но, во Европа гинеколошко-акушерска струка е поинаку организирана и поинаку функционира“, вели доктор Филиповски.

Тој објаснува дека Македонија ги исполнува европските критериуми за број на матични гинеколози според бројот на жени, но дополнува дека потребата од матични гинеколози е поголема зашто во Европа на поинаков начин е организирана работата на гинеколозите.

Во Европа пап тест земаат акушери, голем дел од гинеколошките проблеми ги решаваат семејните лекари“, вели доктор Филиповски.

Инаку, лекарите посочуваат дека и во Македонија има многу специјалисти по семејна медицина, но оти прашање е колку тие може да решаваат гинеколошки проблеми со оглед дека од гинекологија имаат неколку месеци курс.

Доктор Филиповски вели дека матични гинеколози во Скопје нема и во Арачиново и во населбата Илинден, а во внатрешноста матичен гинеколог нема и во реканскиот крај од Дебар до Струга и Кичево.

Како и да е, поради недостиг на квалитет, услови и недоволен кадар и во другите градови од внатрешноста, во повеќето од случаите лекарите за породување ги праќаат своите пациенти во Скопје и со тоа се зголемува бројот на пациенти на Гинеколошката акушерска клиника. Министерот Филипче деновиве апелираше да не се препраќаат родилки на гинеколошката клиника во Скопје од поголемите градови од внатрешноста, потенцирајќи дека секое родилиште ќе ги има потребните лекови. Ова отвори сомнежи како ќе се реши проблемот со недоволна обученост и стручност на кадарот од внатрешноста кој постои со години и покрај сите едукации што се правеа, а не може да се реши преку ноќ. Министерот Филипче вели дека министерството работи на план на едукација на сите доктори преку тренинзи во странство, но соодветно долго за да може да го стекнат нивото на експертиза, а паралелно со тоа и на носење експертиза локално во нашите здравствени институции.

„На поискусните лекари можеби таква едукација им е потребно да биде многу по кратка можеби само за неколку дена може да ја подобрат својата експертиза, но за помладите лекари едукацијата треба да биде сериозно долг процес“, вели министерот Филипче.

Бараме партнер кој ќе биде универзитетска болница од ЕУ, посочи министерот и наведе дека веќе е разговарано со министерството за здравство од Бугарија и со болница од Германија со идеја доктори од странство да доаѓаат и да ги тренираат нашите медицински кадри особено за работи кои не се изведуваат кај нас.