Македонците пијат антибиотици три пати повеќе отколку жителите на северна Европа, но потрошувачката се движи слично како во регионот.
Поради непотребното користење на вакви лекови, бактериите мутираат и стануваат отпорни, по што и лекувањето, дури и на обични инфекции, станува многу тешко, па дури и невозможно.
Луѓето лесно посегнуваат по антибиотици зашто се релативно безопасни по здравјето, но на долг рок тоа може да доведе до отпорност на бактеријата на лековите. Лекарите препорачуваат луѓето што имаат некакво вирусно заболување, како на пример грип, да не пијат вакви лекови, зашто од нив нема никакво фајде, но тоа може да создаде отпорност на лековите, па во иднина, и кога ќе има потреба од нив, тие да не функционираат. Од друга страна, антибиотикот ги уништува „добрите“ бактерии и пациентот станува поранлив и поподложен на нови разболувања и инфекции.
Здравствените власти и во Македонија со години водат кампања за намалување на непотребното користење на антибиотици.
„Резистенцијата всушност значи отпорност на бактериите кон антибиотици, а тоа значи дека доколку дозволиме отпорноста на бактериите да достигне толку високо ниво, ќе дојдеме во ситуација да не можеме да се лекуваме ни за вообичаените настинки и инфекции“, вели доктор Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје.
Светската здравствена организација објави листа со 12 бактерии кои се сметаат за огромна закана за здравјето зашто станале отпорни на повеќето антибиотици и за кои, што е можно побрзо, треба да се најде лек.
Фармацевтската индустрија долго време не може да се пофали со нови листи на антибиотици, па објавувањето на листата на СЗО е и повик до фармацевтите своите истражувања да ги насочат во правец на борба против отпорноста на бактериите на антибиотици.
Според податоците на Организацијата за европска соработка и развој од 2015 година, најмалку антибиотици се пијат во Холандија, каде што 10 луѓе од 1.000 жители дневно пијат некаков антибиотик. Потоа следуваат Естонија, Шведска, Летонија, Австрија и Германија, каде што 14 од 1.000 жители пијат антибиотици во секој момент.
Во ЕУ по антибиотик најчесто посегнуваат Грците, каде што 36 од 1.000 жители се на антибиотска терапија. Многу антибиотици се пијат и во Франција, Белгија и во Италија, каде што на вакви лекови се 28 од 1.000 луѓе.
Професор Никола Пановски објаснува дека според податоците на Фондот за здравство, во Македонија антибиотици пијат 20 од 1.000 луѓе, но оти тие податоци не се комплетни, туку се однесуваат само на препишаните антибиотици. Оптимистичките прогнози се дека се трошат 30 отсто повеќе од ова, додека песимистичките дека потрошувачката е двојно поголема од официјалната, што значи дека точната бројка на луѓе што се на антибиотици во Македонија се движи меѓу 27 и 40 луѓе од 1.000 жители.
Ова се релативно безбедни лекови, вели доктор Пановски, па затоа и докторите често ги препишуваат. Македонија може да ја намали потрошувачката за половина без никаков ризик за здравјето на граѓаните, вели тој.
„Главен проблем е создавање отпорност на бактериите, односно создавање супербактерии коишто тешко се лечат, односно денеска имаме, во јужниве краишта каде што многу се трошат антибиотици, тешкотии во лекување на сериозни инфекции во оддели за интензивна нега или да кажам просто, ние овде понекогаш сме среќни што не сме клиничари. Тоа е кога ќе видиме изолиран сој на бактерија за која нема лек. Дури имаме и апарати, не можеме да кажеме дека не знаеме да работиме, апаратот покажува дека од лековите што постојат во светот, не само во Македонија, туку во светот, не постои лек кој би му се дал на тој пациент. Ние сме сведоци на тоа, тоа се случува“, вели доктор Пановски.
Поради опасноста од создавање супербактерии за кои нема лек, меѓународните организации се борат против злоупотреба на антибиотиците и намалување на нивната употреба. Како дел од тие напори, Македонија во изминатите 20 години за двојно ја намалила употребата на антибиотици.
„За среќа Светската здравствена организација, ЕУ сфатија дека овој проблем не може да се реши локално. Со отворање на границите на ЕУ, петтата, под наводници, вредност на ЕУ е слободно движење на бактерии, значи ние сега таму им носиме отпорни бактерии и тие тоа не може да го спречат и затоа даваат пари во Македонија, особено Светската здравствена организација, или промовираат проекти за да знаеме колку бактерии имаме, каква е резистенцијата, влезени сме во проекти, вклучени сме во тие мрежи да следиме резистенција на бактерии и да следиме потрошувачка на лекови и затоа имаме намалување, но за тоа треба време“, вели Пановски.
Истражувањето спроведено од страна на Здружението на специјалисти по семејна медицина и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје од крајот на 2014 година покажа дека кај дури 56 отсто од случаите на респираторни проблеми кај пациентите се забележува непрописно препишување на антибиотици, без притоа да се спроведат потребните дополнителни анализи. Околу 5 отсто од пациентите инсистирале лекарот да им препише антибиотици.
„Ваква студија е правена некаде во 90-тите години, многу мала, така што немаме податоци што се случува реално. Ние знаеме дека се препишуваат многу антибиотици, меѓутоа кои се факторите, кои се причините, како од страна на докторите, така и од страна на пациентите, коишто влијаат толку да се препишуваат антибиотици“, рече тогаш доктор Катерина Ставриќ од Медицинскиот факултет.
Доктор Пановски посочува дека 30 отсто од пациентите што се жалеле на респираторни проблеми во Холандија добиле антибиотик, додека во Македонија тој број е двојно поголем. Сепак, тоа е помалку од пред 20 години, кога речиси немало пациент што излегол од амбуланта без рецепт за антибиотик.
Поради зголемувањето на отпорноста на бактериите со текот на годините, за да се излекува некоја инфекција потребни се сè поголеми дози од некој антибиотик, поскапи антибиотици и подолготрајно лекување. Светската банка предупредува дека тоа ќе влијае и на глобалната економија. Според нивното истражување, зголемувањето на отпорноста на бактериите ќе придонесе за поскапо лекување со што ќе ја зголеми сиромаштијата во светот.
Македонија пред пет години забрани продажба на антибиотици без рецепт, но сè уште е лесно да се набави и да се пие на своја рака.
Животните да не се клукаат со антибиотици
Голем проблем исто така е и огромната употреба на антибиотици при одгледувањето животни. Светската здравствена организација препорачува сточарите и прехранбената индустрија да престанат да им даваат антибиотици на здрави животни поради стимулирање на растот и спречување на болести. Во последното соопштение од СЗО се наведува дека во некои земји дури 80 отсто од антибиотиците им се даваат на животни и тоа во голем дел на здрави животни, но не како лек, туку за поттикнување на растот.
„СЗО силно препорачува севкупно намалување на употребата на сите видови медицински значајни антибиотици кај животните за производство на храна, вклучувајќи целосна забрана на овие антибиотици за поттикнување на растот и спречување болести без дијагноза. Здравите животни треба да примаат антибиотици за спречување на болести само ако одредена болест е откриена кај други животни во истото стадо, јато или рибина популација“, наведува СЗО.
Во извештајот се наведува дека секогаш кога е можно животните да се тестираат за да се утврди кој е најефикасниот антибиотик за лекување на конкретната болест. СЗО препорачува кај животните да се користат оние антибиотици кои се „најмалку важни“ за здравјето на луѓето, а не оние што се „со критичка важност од висок приоритет“.
„Научните истражувања покажуваат дека преголемата употреба на антибиотици кај животните може да придонесе за развивање на антибиотска отпорност“, велат во СЗО.
Во 2015 година во Македонија биле потрошени 3.500 килограми антибиотици за лечење на животни, но нема забележано случај на злоупотреба на антибиотиците за зголемување на нивната тежина. Во изминатите 15 години имало само 4-5 откриени случаи на поголемо присуство на антибиотици во млекото.
Во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека резултатите од досега извршените испитувања покажуваат дека храната од животинско потекло пласирана на пазарот во Република Македонија е без присуство на антибиотици и хормони, односно дека од овој аспект таа е безбедна.
„Животните кои се колат во кланица се пропратени со Сертификат за здравствена состојба за животните издаден од надлежен ветеринарен доктор во кој се потврдува дека животните во последните четири недели не се лекувани ниту хранети со храна која содржи ветеринарно-медицински препарати (антибиотици и хормони). Доколку инспекторот при клиничкиот преглед се посомнева за употреба на антибиотици се земаат дополнително мостри за анализа. Месото се пушта во промет исклучиво по добивање на негативен резултат“, вели портпаролката на Агенцијата, Велика Атанасова.
Од Агенцијата посочуваат дека употребата на антибиотици и хормони во производство на месо и млеко во Македонија е законски регулирано, со прописи кои се дури и порестриктивни во споредба со европските со кои се усогласени, а законски е утврдено и правилното и одговорно користење на ветеринарно медицинските препарати, вклучително и антибиотиците и хормоните.
Закана од пост антибиотичка апокалипса
Британски водечки медицински експерти предупредуваат дека на човештвото му претстои „пост антибиотичка апокалипса“. За каква опасност станува збор говори податокот дека секоја година околу седумстотини илјади луѓе во светот умираат од инфекции отпорни на овие лекови. А бактериите стануваат се поимуни на антибиотиците.
Гоце Атанасов
Професор Дејм Сели Дејвис на неодамнешната конференција во Берлин изјави дека светските лидери мора што е можно повеќе да го подобрат одговорот на растечката закана од отпорноста на антибиотици. Дејвис вели дека ако продолжи порастот на супербактерии, тоа ќе го означи крајот на модерната медицина, односно тоа ќе биде пост антибиотичка апокалипса. Губењето на ефикасноста на антибиотиците ќе ја спречи способноста во борбата против најчестите инфекции, а некои операции како „царскиот рез“ и лечењето на ракот ќе станат многу поопасни.
„Па, не само што ни требаат антибиотици во секојдневниот живот за бактериски инфекции, се разбира, не и за вирусни инфекции, но многу луѓе всушност се склони кон инфекции преку нивните третмани за рак, трансплантација. Постојат пациенти со дијабетес кои се повеќе склони кон инфекции. Значи, ќе ја изгубиме ефикасноста на заштитата на пациентите“, вели таа.
Преголемото препишување рецепти за антибиотици, понекогаш и на пациенти со вируси кои не можат да се лекуваат со антибиотици, предизвикуваат глобален отпор, заедно со нејзината распространетост во сточарската индустрија. Ед Вајтинг, директор во „Wellcome Trust“, добротворна организација за биомедицински истражувања со седиште во Лондон, вели дека 85 отсто од земјите почнаа да прават национални акциони планови, но со мал резултат.
„Од тие 85 проценти, само пет отсто од земјите го финансираа својот план и го претворија во програми за акција, а тоа не е доволно добро. Ние треба да видиме конкретна работа за да осигуриме дека им даваме антибиотици само на луѓето на кои навистина им се потребни“, вели тој.
Лорд О'Нил, поранешен претседател на британското тело за антимикробиска резистенција, смета дека на лекарите треба да им се даде поголем пристап до нови технологии, како што се телефонските апликации.
„Во нашите животи доминираат мобилните телефони, а забележливо е тоа што технологијата не се користи во медицинската пракса. Ние ги притискаме лекарите да погодат што не е во ред со нас и тогаш полесно им е да препишуваат антибиотици“, вели тој.
Во моментов околу 700 илјади луѓе на глобално ниво умираат секоја година од инфекции отпорни на лекови, вклучувајќи туберкулоза, ХИВ и маларија. Без порешителна акција, експертите велат дека тој број ќе се зголеми на 10 милиони луѓе годишно до 2050 година.