Околу 1.000 семејства ќе бидат во исчекување, најверојатно во текот на целата 2018 година, дали ќе можат да обезбедат егзистенција од фабриката Југохром во тетовско Јегуновце од каде се очекува да продолжи производството по изградба на системот за отпрашување. Од раководството тврдат дека интензивно се работи на обврската да се изгради системот и да се задоволат еколошките стандарди. Славко Стојчевски, еден од техничките директори, вели дека платиле аванс на фирма која ја работи челичната конструкција, па чекаат да го добијат нарачаното за системот за отпрашување.
„Факом работи во сопствените работилници во Скопје поради временските услови и ради динамиката на изработка. Монтажата на терен ќе почне на почетокот на март. Како што знаете, фундаментот за челичната конструкција за постројка е направен и ќе може одма да се почне со монтажа. Се очекува комплетно да биде завршено филтерската постројка во почетокот на август. Отприлика рокот за изработка е осум до девет месеци. И во август да се прави главна проба. После август ќе биде спремна за пуштање во функција, така што после август ќе може да се вклучат двете најголеми печки, а тоа е негде 50 отсто од капацитетот на фабриката“, рече директорот.
Претставниците на синдикалната организација сметаат дека отпуштените работници треба да се вратат порано на работа.
„Ние со нашите сили ќе направиме притисок да почнеме со работа негде март месец за да се луѓето враќаат на работа и паралелно со изградба на системот на отпрашување да се работи. Мислам дека и самата Влада и невладини организации ќе покажат разбирање за ова, бидејќи ќе се уверат дека навистина се работи околу системот за отпрашување, дека не е илузија дека ќе се гради, не се градеше. Ова сметам дека е завршена работа“, изјави Бајрам Амити од синдикатот на Југохром.
Директорот Стојчевски вели дека во фабриката има 50-тина луѓе кои цело време се грижат за функционалноста на системот и дека Јухохром може веднаш да почне со работа.
„Кога би добиле дозвола да можеме да вклучиме, во секој момент може да ги вклучиме печките. Во моментот располагаме со суровини за производство на 8,5 илјади тони феросилициум, се работи негде за 4,5 илјади тони колумбиски камен јаглен, 4,5 илјади тони семикокс, 800 тони руски камен јаглен, 14 илјади тони кварц, 8 илјади тони парцит, 1,5 илјади тони коварина, 300 тони паста“, потенцира директорот.
Системот за отпрашување, според Стојчевски, ќе чини 4,5 милиони евра. Фабриката не работи од 1 ноември 2016 година поради немање А интегрирана еколошка дозвола за работа.