Стратегија за образование на 21 век

Стратегија за модерно образование, со која ќе се зголеми квалитетот, а ќе се намали број на предмети и бројот на ученици во паралелките, но тоа нема да значи намалување на бројот на наставниот кадар, велат од МОН за стратегијата за образование до 2025.

Реафирмирање на автономијата на универзитетите и унапредување на квалитетот на основното и средното образование се меѓу главните приоритети со кои се занимава Стратегијата за образование 2018-2025, што Владата ја усвои на последната седница

Во изработката на стратегијата учествуваат многу професори, а таа со занимава со прашања како - Какво треба да биде образованието во Македонија до 2025 година? и Кои се стратешките политики и акциските мерки со кои може да се оствари образованието, поаѓајќи од состојбата во која моментално се наоѓа образованието во Македонија?

„Стратегијата за образованието на Република Македонија за 2018-2025 година и нејзиниот Акциски план беа изработени со финансиска и техничка поддршка од страна на Европската унија, преку процес на консултации и учество на многу експерти, наставници и професори, претставници на јавни институции, невладиниот сектор и други лица заинтересирани за развивање на човечките ресурси и образовните политики во Република Македонија“, изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Од Министерството за образование велат дека стратегијата за развој на образованието во Македонија до 2025 година треба да пружи долгорочни цели и правци на развојот на образованието, а се занимава со утврдување на целите, правците, инструментите и механизмите за развој на образованието, односно со обидот да го обликува развојот на овој систем на најдобар и модерен начини.

Стратегијата е основа за активнoстите на институциите во Македонија до 2025 година и се темели на јасно утврдување на главните предизвици и приоритети на кои треба да се обрне внимание, вели портпаролот на МОН, Владимир Делов.

„Практично стратегија за образование на 21 век за активни и среќни граѓани креатори на економскиот напредок и благосостојба“, вели Делов.

Од Министерството дополнуваат дека стратегијата на јавноста треба да и биде достапна од идната недела за кога се планира нејзина презентација.

Во изминатиот период ресорната министерка Рената Дескоска истакнуваше дека стратегијата е основа за образование кое создава активни граѓани опремени со знаење и вештини за модерен свет, кои се подготвени да се вклучат на пазарот на трудот и да ја збогатат секоја средина со својата работливост, креативност и иновативност. Пасивност, ригидност, казнивост, импровизација се однесувања кои нашиот образовен систем треба да ги напушти“, истакнуваше министерката за образование и наука Рената Тренеска - Дескоска.

Професорката Розалина Попова - Коскарова од Педагошкиот факултет изјави дека зголемувањето на квалитетот на образованието секако е пожелно, особено со оглед на моменталните состојби во основното и средното образование.

„Се надевам дека реформите што сега се понудуваат ќе бидат многу поуспешни и ќе соодветствуваат со европските стандарди отколку со воведувањето на Кебриџ програмата. Најважно е намалувањето на фондот на часови, оптовареноста на учениците од основно како што беше. Оптовареноста сега се намалува, а беше голема“, вели професор Коскарова.

Во ноември имаше јавна расправа за стратегијата за развојот на образованието во собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

Една од целите нa стрaтeгијатa која предизвика мала вознемиреност кај синдикатите е онаа што се занимава со намалувањето на бројот на предмети во основните и средни училишта и намалување на бројот на ученици во паралелките

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) на расправата препорача дека треба сериозно да се спроведат реформите во образованието за да не се создаде ситуација во која би биле отпуштани вработени во образованието.

Не можеме да се согласиме со ниедна реформа која би се спровела на грбот на работниците. Свесни сме за оптовареноста на дел од наставните планови, особено во одделенската настава, но со исфрлање на наставни предмети и со намалување на фондот на часови, треба многу сериозно да се направи реформата, за да не остане ниту еден наставник без работа“, истакна Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Од Министерство велат дека станува збор за погрешно читање на стратегијата.

„Реформите во основно и средно беа дискутирани со СОНК и други организации и јасно беше укажано дека намалување на бројот на предмети нема да значи намалување на бројот на наставниот кадар. Планираме намалување на бројот на ученици во паралелките како мерка за подобрување на квалитетот на наставата. Исто планираме и намалување на бројот на часови на наставници со поголем стаж заради нивно ангажирање како ментори на наставници со помал стаж. Ова е намалување на часовите на учениците, во ниеден случај нема да ги засегне наставниците“, вели Делов.