Името, законот за јазиците и ракометот - топ тема во медиумите

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Медиумите пишуваа за средбата во Давос за името, посетата на Нимиц на Скопје и Атина, враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за Законот за јазиците, судењето на случаите на СЈО, поразот на ракометарите.

„Заев и Ципрас го одблокираа евроинтегративниот процес“, гласи насловот во Нова Македонија. „Историска средба на маргините на собирот во Давос – Заев и Ципрас го кршат мразот!“, излезе со наслов Слободен печат. За Вечер најважен е делот од изјавата на грчкиот премиер: „Ерга омнес - заемно прифатливо решение“ и „Автопатот ’Пријателство‘ – премиерот Заев го соопшти новото име“. Независен исто така со дел од изјавата на премиерот Заев: „Ќе го смениме името на аеродромот и на автопатот“ – проширувајќи ја информацијата дека Грција, за возврат, ќе ја ратификува втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, која инаку стапи на сила уште во далечната 2004 година. Независен исто така информира од пресот на Заев и на Ципрас дека „Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција влегуваат во преговорите за името кои се водат под покровителство на ОН“.

„Нимиц ги потврди посетите на Атина и Скопје“, гласи друг наслов во Независен. Нова Македонија најавува дека во сабота во Клубот на пратениците ќе се одржи „Координација за предлозите на Нимиц“, на која ќе присуствуваат и претседателот Ѓорѓе Иванов и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Нова Македонија ја објавува и изјавата на градоначалникот на Атина дека „не го поддржува најавениот протест за 4 февруари“, но дека ќе го одобрел и дека „Одговорното политичко раководство мора да донесува институционални одлуки и да ги води луѓето... проблемот ја чинеше премногу скапо Грција во надворешната политика, особено на Балканот и во Европа. Затоа работите треба да се смират“.

Независен објави: „ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието“ по речиси двомесечна апстиненција за да го спасува Законот за јазиците кој според најголемата опозициска партија бил неуставен и на штета на граѓаните на Македонија. Нова Македонија на истава тема наслови дека „Законот за јазиците по усвојувањето ќе оди на мислење во Венецијанската комисија по што добиените забелешки ќе бидат вградени во законот“.

Истиот весник, како и другите печатени медиуми објавија дека „Судењето за ’ТНТ‘ на СЈО за уривањето на комплексот ’Космос‘ на Фијат Цановски, во кое се обвинети седуммина, меѓу кои и Никола Груевски, Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски – е одложено за 9 февруари“. Весникот додава дека Апелацискиот суд одлучи прислушуваните разговори во овој случај да можат да се користат како докази во судската постапка.

Вечер објави: „Уште еден скандал: Регулаторна комисија вработува паркирачи на автомобили! Јавноста беше скандализирана и од објавениот оглас на државната компанија МЕПСО во кој се бараше копирант со завршено средно и без работно искуство за плата од 25 илјади денари“. Овие информации, инаку, ги објавија и некои интернет портали кои важат за блиски до СДСМ.

И како за крај, веста што веројатно нè разочара сите: „Македонија загуби од Чешка и изгуби шанса за пласман во полуфиналето на Европското првенство во ракомет во Хрватска“, како што наслови Независен а и другите печатени и електронски медиуми.