Нова демократија упати критики до грчкиот премиер дека не може да преговара врз база на националните интереси.
Шефот на „Нова демократија“ Кирјакос Мицотакис пак порача дека „нема да дозволи да ги делат Грците, за да ги обединуваат Скопјаните“.
Тој во грчкиот парламент изјави:
„Целосно го оправдувам грчкиот народ кој нема доверба во оваа влада. Не верувам ниту вие да се справите со ова критично прашање, бидејќи единственото нешто што ве интересира е тоа да го користите за политичка добивка“.
Пред неколку дена во Солун се одржаа протести на кои се собраа неколку десетици илјади луѓе да демонстрираат против употребата на името Македонија во решението на спорот меѓу двете земји.
Јоргос Тациос, претседател на Грчката федерација на македонските културни здруженија тогаш изјави:
„Денешната порака е насочена пред се кон грчките политичари. Оние што го користат името Македонија и се откажуваат од него без скрупули. Ја повикуваме владата и посебно шефот на дипломатијата Коѕијас да стане херој на грчките македонци и да не го предаде името. Ако го направи тоа треба да знае дека тој е предавник на народот“.
Министерот Никос Козијас пак по завршувањето на вчерашната средба во Давос меѓу премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас на Твитер упати критики до опозициската „Нова демократија“.
„Со нивната инерција дозволија да се градат „иредентистички Александровци Велики“. Со нашата надворешна политика ставаме крај на иредентизмот. Народот ќе види и ќе суди. Условите се создаваат со нашата активност, а не со глупави инерции“, напиша на твитер шефот на грчката дипломатија.