Работна група ќе бара решение за пратеничките патни трошоци

Измените на законот за пратеници кои предвидуваат намалување на висината на патните трошоци за пратениците го поминаа првото читање во Собраниската комисија. До второто читање, работна група составена од пратеници ќе поднесе амандмани поврзани со предложеното решение.

Формирање на работна група која ќе работи на подобрување на предложените измени за намалување на патните трошоци на пратениците е заклучокот од денешната работа на комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Предложените измени на законот за пратеници добија зелено светло во првото читање, но на расправата можеа да се слушнат поделени мислења. Од оние кои сметаат дека предложеното намалување на патните трошоци од петнаесет до дваесет проценти, наместо досегашните 30 отсто е избрзано и неодржливо, до оние кои сметаат дека ваквото решение е задоцнето и мора да се донесе што побрзо за да се спречат злоупотребите со народните пари.

Пратеникот Илија Николовски од Партијата на обединети пензионери и граѓани, изјави дека на ова прашање не треба да се реагира со премногу емоции, најавувајќи дека промените треба да бидат револуционерни и во насока на намалување на привилегиите на пратениците.

„Неоспорен факт е дека од 2010 до 2014 година во Република Македонија за патни трошоци се потрошени околу пет милиони евра, што за земја како што е Македонија, со површина најмала во регионот, тоа е многу. Во која земја патните трошоци се поголеми од платите на пратениците“?, праша Николовски.

Она што според пратеникот Весел Мемеди од НДП, го прави предлогот недоволно добар е фактот што истиот не гарантира дека ќе се елиминираат можните злоупотреби со патните трошоци.

„Многу е важно е да дадеме пологично објаснување зошто намалувањето на патните трошоци од 30 на 20 проценти, можеби и 15 проценти, во никој случај нема да ја отстрани злоупотребата на оние пратеници кои на различни начини се обидуваат да направат злоупотреби со патните трошоци“, вели Мемеди.

На ова реплицираше Соња Мираковска која образложи дека веќе е подготвена предлог одлука до комисијата за избори и именувања во која се предлага исплатата на патните трошоци да биде извршена покрај со платен налог со фискална сметка и плаќањето на патарините да биде извршено со кредитна или дебитна картичка. Слипот кој се добива при плаќањето на патарината заедно со фискалната сметка ќе биде документ кој ќе се приложи во собранието и ќе биде доказ дека тој што патува поминал во точно одредено време на наплатна рампа и тоа ќе биде одличен механизам да нема злоупотреби на сметките.

Пратеникот Реџеил Исмаили од ДУИ рече дека неговата пратеничка група ќе го поддржи предлог законот во прво читање, но дека во второ читање ќе достават амандмани за да го подобрат предложеното решение.

„Ние треба да се донесеме оптимално решение не само во интерес на граѓаните, туку и на пратениците, бидејќи треба да знаеме дека имаме колеги кои секојдневно патуваат од далечни места и ние што сме блиску ги немаме истите опасности како нив“, изјави Исмаили.

Самка Ибраимовски, пак, смета дека предложените измени во законот се избрзани и донесени под притисок на јавноста. Затоа предложи предлог решението да се повлече и да се формира работна група која со помош на стручни тимови ќе направи законско решение што ќе биде одржливо.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски, заклучи дека со предлог ќе се заштедат парите на граѓаните, додавајќи дека преку законски модел треба да се изнајде решение за веродостојноста на остварените патни трошоци кои во минатото не ретко се злоупотребуваа. Пораката до сите функционери е дека парите на граѓаните се важни и никој нема право да ги злоупотребува, заклучи Кирацовски.

Измените предвидуваат наместо досега утврдените 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар на возилото кое се користи, пратениците да добиваат надомест во висина од 20 проценти, од продажната цена за еден литар гориво.

За да се намалат патните трошоци, потребно е да се направат истите измени и на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функцинери, кој исто така ја регулира оваа материја. Измените на овој закон, пак, ќе ги разгледуваат членовите на Комисијата за труд и социјална политика.