Стотици милиони евра собрани по основ на данок за животна средина завршуваат во буџетската и општинските каси, а само 0,6 отсто одат во рацете на Министерството за животна средина. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, државата по основ на даноци за животна средина во 2015 година собрала околу 171 милион евра. Најголем дел од парите, како што наведуваат од Владата, завршуваат како директен приход на буџетот и на сметка на општините кои најдиректно се зафатени со влијанието од производството на енергија од фосилни горива. Министерството за животна средина, според податоците од Владата, годишно добива само по околу милион евра од собраните пари.
Ана Чоловиќ - Лешоска од граѓанската организација Еко-свест вели дека сите средства што се собираат врз основа на еколошката такса треба да се користат само за заштита и унапредување на животната средина.
„Во Македонија се укина фондот за животна средина пред многу години и има иницијатива за негово повторно воспоставување. Сметаме дека тоа прво е многу неопходно, а второ ќе бара структурно менување на начинот на кој што се менаџираат средствата. Сите еколошки такси треба исклучиво да се искористат за нивната примарна намена“, вели Лешоска.
Чоловиќ-Лешоска додава дека јасно е оти пари има, но не се насочуваат на вистинското место.
„Проблем е што средствата, иако се собираат, ако не се вложуваат во заштита на животна средина не сме постигнале ништо. Го погледнуваме буџетот на Министерството за животна средина кој е примарно за администрација и за некои мали проекти, односно мали средства се двојат за нешто конкретно и јасно ни станува. Го погледнуваме буџетот на Државниот инспекторат за животна средина и тука ни е јасно дека средства навистина не се двојат за животна средина и ова историски доаѓа како неприоритетна тема“, смета Чоловиќ-Лешоска.
Во 2016 година, според статистичките податоци, за заштита на животната средина државата потрошила околу сто илјади евра. Од Министерството за животна средина не добивме одговор дали е потребно повеќе средства од даноците да завршуваат во нивната каса или да се отвори специјален фонд за таа намена.