Се очекува годинава на Светскиот економски форум да учествуваат над 60 шефови на држави и влади, меѓу нив и американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој ќе се соочи со истите оние „глобалисти“ чие негово противење му донесоа победа на претседателските избори во 2016 година.
Основачот на Светскиот економски форум Клаус Шваб за Ројтерс изјави дека присуството на Трамп оваа година е „позитивно изненадување“, а неговиот поглед,заедно со другите светски лидери, ќе обезбеди избалансирана глобална слика за оваа година.
„Мислам дека треба да бидеме изненадени, а Давос секогаш е место каде што бараме изненадувања и се надевам дека тоа ќе биде позитивно изненадување“, вели тој.
На Форумот што ќе трае до 26 јануари исто така ќе учествуваат и индискиот премиер Нарендра Моди, францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј, како и голем број извршни директори и врвни банкари.
Трамп, кој треба да се обрати на последниот ден, в петок, е првиот претседател на САД, кој учествува на Форумот по Бил Клинтон во 2000 година.
Неговото присуство, според Белата куќа, е со цел да се сврти вниманието кон растот на американската економија и зголемениот пазар на акции.
За време на изборната кампања во 2016 година, Трамп ја обвини глобализацијата за уништување на американските работни места, бидејќи компаниите се обидуваа да ги намалат трошоците за работна сила со преместување во Мексико и на други места.
Во Давос се расчистуваат улиците од снегот кој, според прогнозите и натаму ќе паѓа.
Но, Клаус Шваб не е загрижен од снегот.
„Јас сум среќен бидејќи на Давос му го дава она што треба да биде, аспект на едно глобално село, но едно село каде што знаете дека природата сè уште игра многу важна улога, и во нашата дискусија целата еколошка тема исто така ќе биде на прво место од она што го правиме тука“, вели тој.
Мото на форумот е: „Создавање заедничка иднина во скршен свет“.