Фановите на РСЕ се мошне лути што македонските ракометари го загубија натпреварот против Шпанија на Европското првенство во Хрватска. И веднаш почнуваат приказните толку познати за светот на спортот.
„Отпочеток се виде дека ја предадоа утакмицата“, постирала Весна Николовска, но Лазо Станчев веќе знае: „Не предадоа - продадоа“. Спортот не може без политика, па Георгина Ангеловска напишала: „Јас да бев на нивно место не би ни го одиграла натпреварот – туку во знак на протест поради присуството на Господинот Премиер и неговите погубни политики за Македонија ќе го предадев мечот без борба на спортскиот терен“. Женскиот дел од популацијата очигледно се големи навивачи, па уште еден женски глас, поразумен - Тодорка Велјановска вели: „Лош почеток, лош ден, ама тоа да се заборави и само напред, да веруваме и да навиваме за наредните натпревари“. Динка Јованова смета дека натпреварот е „тактички изгубен“.
Многу отровни пораки се сипале по информациите за антимакедонските протести во Солун и интервјуто на грчкиот премиер Ципрас во врска со преговорите за името, како и по нашето интервју со францускиот амбасадор, Тимоние.
Гоце Силјановски постирал: „Еве ги пријателите на Заев“, а Борче Нешков препорачува со подбив: „Едноставно на вашата област додадете придавка Јужна Македонија, така ќе направите јасна разлика со името на нашата држава Република Македонија“. Мирче Дишоски предлага „бојкот за сè што е грчко“, а Риат Рамадани вели: „Одете пак на море во Грција!“ И Војо Доновиќ како да иронизира: „Ајмо на шопинг во Солун!“
На Дарко Марко му паѓа в очи масовноста на протестот во Солун, па напишал: „Е тоа е државиште“, вели, па прави споредба со протестот на таканаречените Тврдокорни против Законот за јазици: „Колку луѓе беа пред Собрание кај нас?“ И повторно отров и зла крв во постовите на ФБ страницата. Динка Јованова и тука го кажува своето мислење: „Сороспиите на СДС и ДУИ си создаваат нова држава без македонизам и македонски симболи“ – пишува, дури и знае: „Ја уништуваат унитарноста и воведуваат бинационалност, после ќе следи федерализација“. Тасим Џемаили размислува трезвено: „Нека има просечна плата од 1000 евра, па кого ќе интересира колку јазици се зборуваат. Не разбирам зошто кај сиромашните и неразвиени земји има национализам и верска нетрпеливост?“ Целе Луканоски се согласува со Тасим Џемаили, но смета дека тој проблем да се решел и со „Аладинова ламба“ ќе остане, вели, „зацртаната желба на одредени профитери, џебџии, за три албански држави...“ Палењето на знамето на ЕУ од страна на протестантите Ана Кеј го коментира вака: „Тврдокорни лудаци, а да го запали некој македонското знаме, тогаш ќе лаете“. За Крис Стојков сме „спонзоруша радио“ штом сме објавувале интервјуа со луѓе како странските амбасадори во земјава.