Капитал - Оптимизмот дека ќе се реши спорот за името влегува во критична фаза
„Оптимизмот дека ќе се реши спорот за името влегува во критична фаза“, ја насловува Капитал анализата за најактуелната и домашна и надворешно политичка тема и во првиов месец од оваа година во која прави опсежен преглед на раздвиженоста на политичко-дипломатскиот македонски и грчки естаблишмент и на нивните изјави, а во светлината на активирањето на посредникот Нимиц и посетата на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг на Скопје, како и на импликациите врз пошироките геостратегиски американски и руски интереси на Балканот. Неделникот, покрај другото, го наведува и мислењето на професорот по меѓународно право и советник во правниот тим што ја застапуваше Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во тужбата против Грција, Тони Дескоски: „Вистината е дека грчката Влада е свесна оти се ближи голем притисок од американската дипломатија, затоа што на САД им е од витална важност Република Македонија да се придружи на НАТО, па потоа да се посветат на решавање на вистинскиот проблем за мир на Балканот - Србија“. Професорот во исто време потсетува на новата американска стратегија за Балканот на Атлантскиот совет промовирана уште во почетокот на ноември минатата година во Вашингтон, во која српскиот иредентизам е идентификуван како главна закана за мирот на на овие простори и дека на САД им е јасно оти „само со Македонија во НАТО е можно да почне ’убедувањето‘ на Србија да се откаже од иредентистичките аспирации кон соседните земји и да се придружи на Алијансата, а со тоа и да ја истисне Русија од Балканот“. Дескоски наоѓа и поврзаност на Грција со руските интереси на Балканот и се сомнева во нејзините искрени намери за решение на спорот за името и смета дека Грција всушност работи на тоа да ја држи земјава надвор од НАТО (со тоа и Србија) и на тој начин да ѝ остави простор на Русија за дестабилизирање на Балканот.
Фокус - Очајнички обиди за дестабилизација
И во анализата во Фокус се наоѓа конекција на руските геостратегиски интереси на Балканот со однесувањето на Атина во врска со спорот за името. „Очајнички обиди за дестабилизација“ е насловена анализата во неделникот во која неодамнешното убиство на Оливер Ивановиќ, лидер на граѓанската иницијатива СДП, (Србија, демократија, правда) во Косовска Митровица се доведува во врска со моментот кога ЕУ и НАТО решија конечно да го интегрираат Западен Балкан. „Терористичкиот чин веројатно нема да ја загрози балканската безбедност... Дестабилизацијата ѝ одговара единствено на Москва, чиј министер за надворешни работи деновиве ѝ порача на Атина да биде непопустлива во спорот за името, за Македонија да остане надвор од НАТО!“ – пишува Фокус.