Пулејкова Радеска со портрети во кои ќе го откриете другиот во себе

„Другата во мене“ е насловена петтата по ред самостојна изложба на академската уметница Наталија Пулејкова Радеска, што до 17 јануари се одржува во Галерија КО-РА, при Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Станува збор за поставка со ликовни дела во комбинирана техника која се обидува „да проникне во многуслојноста и многузначноста на битието и психата на жената,

Низ сите душевни состојби, процеси, појави и битисувања, портретите на Наталија Пулејкова Радеска бликаат со автентичен изблик на посебноста на секоја жена пренесена на излогот на споделувањето прикажан токму Вам и понуден на сочувство. Низ нежните премини во боја, постура, емоција, лик, поглед и мирис на сетилноста се крие една сосема нова внатрешна и длабока димензија на интимниот душевен свет. Секој портрет пренесува состојба, приказна,мисија и искуство. Во кој лик и да се загледате секогаш ќе најдете нешто свое. Токму таквиот приод ги прави овие прикази толку психолошки интимни и сечии, мои, твои, нејзини, негови. Нежноста се сменува со сила, силата со грубост, грубоста со емпатичен изблик на сострадание. Низ сопствената перцепција на мигот, секој загледан добронамерник во нејзините портрети ќе го открие другиот/та во себе.

Ова ќе го забележи во својот текст (воедно и еден вид психолошка анализа на делата) проф. д-р Мирослав Пендаровски печатен во каталогот за изложбата „Другата во мене“ од академската уметница Наталија Пулејкова Радеска, што од 27 декември до 17 јануари се одржува во Галерија КО-РА, при Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

Станува збор за поставка со ликовни дела во комбинирана техника која како што ќе рече Виолета Калиќ, историчарка на уметност воедно и кураторка на изложбата, авторката се обидува и успева „да проникне во многуслојноста и многузначноста на битието и психата на жената, изложена, во процесот на генезата, на повеќекратна трансформација, низ историјата и катадневно“.

Едновремено преку имагинарниот или стварен лик на протагонистот на овој опус на Наталија Пулјекова Радеска, како што забележува Калиќ, „симултано следиме двоен или повеќекратен, мултиплициран процес, кој ја одразува трансформацијата на појавната и непојавната стварност, но воедно го одразува и релативитетот и апсурдот на мултиплицираните визии при проекцијата на визуелизацијата на објективната стварност од аспект на бројните реципиенти“. Низ тој процес следиме ликови кои низ секвенци осетно и неосетно, драматично се ремодулира и кој едновремено ја одразува и сферата на внатрешните превирања и процесот на внатрешното вообличување, разобличување, формирање и деформирање, многуслојноста на девастацијата, окаменетоста , соочувањето со перфидноста на реалитеот до апсурд, дополнува кураторката.

Наталија Пулејкова Радеска дипломирала и магистрирала во Софија, Република Бугарија, а живее и работи во Скопје како професор по ликовна уметност. „Другата во мене“ е нејзина петта по ред самостојна поставка, а во изминативе години била и учесник на голем број групни изложби и ликовни колонии во земјава, соседните Бугарија и Србија, во Италија и во Франција.