Владата најави 50 милиони евра помош за стопанството во 2018 година и уште 16 милиони евра за активни мерки за вработување преку „Планот за економски раст“, што го презентираа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Цел на мерките е да се оствари планираниот економски раст од 3,2 отсто.
Со мерките се предвидува израмнување на условите на странските и домашните инвеститори кои помошта ќе ја добиваат преку транспарентни критериуми, субвенции за зголемување на соработката меѓу странските и домашните компании, субвенции за повисоки плати, помош за микро, мали и средни претпријатија, поддршка за истражување и развој, за технолошки иновации и за зголемување на извозот.
Премиерот Заев е уверен дека мерките ќе дадат резултати.
„Македонија има потенцијал, има политичка волја, има знаење и ресурси да биде сериозен генератор и на домашниот, но и на регионалниот економски развој“, рече Заев.
За државна помош ќе може да конкурираат оние фирми кои во 2017 година оствариле повисоки приходи од просекот од изминатите три години и оние кои во 2017 година имале повеќе вработени од просечниот број на вработени во претходните три години. Вицепремиерот Анѓушев вели дека со овие мерки се стимулираат успешните компании.
„Мерките за економски раст се наменети за компаниите коишто покажале добри резултати и треба да бидат стимулативни да покажат уште подобри резултати“, рече Анѓушев.
Поддршката нема да важи за јавни претпријатија, фирми со лиценцирана дејност, адвокатски, ревизорски и сметководствени фирми, корисници на земјоделски субвенции, корисници на концесии и за банки, фондови и осигурителни компании.
Анѓушев вели дека на овој начин, постојните странски инвеститори би добиле уште поголема помош од онаа што досега ја примале.
„Ние проектиравме пораст на БДП-то од 3,2 отсто за следната година. Јас се надевам дека доколку оваа програма биде препознаена од директните странски инвеститори и од македонските инвеститори, дека оваа бројка ќе биде поголема“, рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање колкави странски инвестиции очекува, премиерот Зоран Заев рече „повисоки од досега“, но не прецизираше бројка.