Со 376 гласови за, Христијан Мицкоски е избран за нов претседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Од присутните 438 делегати, гласале 428. Од избројаните, 52 ливчиња се неважечки. Мицкоски беше и единствениот кандидат на шеснаесетиот Вонреден конгрес на партијата. Во своето обраќање пред јавноста и делегатите, тој изјави дека да се биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ е голема чест и задоволство.
„Сега е време да станеме заедно, ВМРО го очекува тоа од нас, а државата го бара тоа од нас. Потребен е нов елан и нова енергија.Ова што сега го гледаме не е ниту светлина, ни надеж, туку темнина и разочарување”, рече Мицкоски.
„Мојата визија за Македонија е земја на среќни граѓани. Силна економија со домашно стопанство и крупни инвестиции. Земја со стабилен бруто домашен производ. Граѓаните заслужуваат подобро здравство. Корупцијата, политичките притисоци и одмазда мора да станат минато. Правичноста е најважна. Мора да растат платите на граѓаните.Во надворешната политика планот 3-6-9 нема резултат. Деветката ќе дојде, тројката не ја ни почнавме. Младите ја губат перспективата. Македонија е се подалеку од ЕУ“, рече меѓудругото Мицкоски.
Претходно, досегашниот партиски лидер Никола Груевсју рече дека ВМРО-ДПМНЕ го започнува новиот поход кон новата победа и враќањето на власт.
„Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го имаше цели 11 години, во кои успешно и со огромен напредок ја движеше Македонија, со бројни успеси резултати. Тоа е она што народот повторно ни го даде на последните парламентарни избори со победата над СДСМ пред една година, но за жал месец и половина подоцна ни беше неправично одземено, и беше погазена вољата на народот“, рече Груевски во своето обраќање пред делегатите.
Груевски рече дека жали што конгресот се случува во емотивни и невообичаени околности кога партијата е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од неговите членови. Додаде дека и во 2003 година кога станал претседателна партијата, најблиските соработници му се налутиле.
„Мојот долгогодишен соработник и еден од најбрилијантните умови на македонската политичка сцена, Мартин Протоѓер, кој освен што добро ги познава сите задкулисни игри од тој почетен период, уште подобро ги знае истите такви од последниот период, и особено последните неколку месеци, пред некој ден ми кажа како на некој пријател му рекол за мене, цитирам: човекот го започна мандатот во партијата со нож во грб, и го завршува со нож во грб. Го корегирав, и му реков, дека не е во право, и дека, го завршувам не со еден, туку со повеќе, и не ножеви, туку ножиња во грб“, рече Груевски.
Во својот долг говор пред делегатите Груевски ги набројуваше сите успеси во изминатите години додека тој ја раководел со владејачката коалиција. Груевски најави и дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подготви закон за амнестија, кој наскоро треба да се најде во парламентот и се надевам дека ќе се прифати.
„Потребно е национално помирување. Потребен е закон за амнестија, простување и помирување. Само така земјата може да оди напред, и да стави крај на политичките освети и реваншизмите”, рече Груевски.
Инаку, Христијан Мицкоски беше единствениот кандидат за партиски лидер на денешниот Конгрес во Валандово.
Конгресот почна од вчера доцна попладне, а од 544 делегати, како што соопшти претседателката на верификационата комисија Светлана Јакимовска присутни се 411 делегати. Денеска пристигнаа уште седум нови делегати со што вкупната бројка е 418 и со неа се исполни обрската од членот 18 од партискиот статут, според кој„конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“, односно најмалку 363 делегати.
Синоќа во салата неколкупати аплауз предизвика споменувањето на долгогодишниот претседател на партијата Никола Груевски, особено кога претседателот на организацискиот одбор на Конгресот, Спиро Ристовски рече дека на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен лидер кој ќе биде достоен наследник на досегашниот и му се заблагодари за сите успеси.
Груевски, пак, пред почетокот на конгресот, изјави дека треба да имаат мирен и транспарентен конгрес, да се донесат мудри и рационални одлуки.
„Потоа треба да се насочиме кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа е рушење од власт на нашиот политички опонент, СДСМ. Верувам дека работите ќе одат во добар правец“, изјави Груевски.
Мицкоски, кој вчера седеше до Груевски, рече дека насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ ако биде избран за претседател на партијата ќе ги образложи денеска пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.
Непосредно пред почетокот на настанот во Валандово, двајцата истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ и експонирани пратеници Антонијо Милошоски и Илија Димовски соопштија дека нема да присуствуваат на конгресот.
Милошоски рече дека немало да оди на конгрес во чиј демократски капацитет се сомневал.
„Нема да учествувам бидејќи мислам и дека во овие важни моменти за ВМРО-ДПМНЕ ќе беше многу попродуктивно за партијата да имаме конгрес со можности за лојална конкуренција“, вели Милошоски.
Димовски, пак, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека нема да учествува на конгресот оти раководните лица и органи во партијата не создале и не овозможиле услови за демократски конгрес.
Двајцата беа дел од потписниците на иницијативата со која бараа одложување на конгресот за крајот на февруари, поради како што напишаа фаворизирање на еден кандидат од партиските структури. Покрај нив на писмото се потпишаа и други истакнати функционери но дел од нив отидоа во Валандово, како на пример поранешната пратеничка Светлана Јакимовска која е и претседателка на верификационата комисија на конгресот.
Од поистакнатите партиски личности во Валандово се и пратеникот Владимир Ѓорчев, поранешните министри Миле Јанакиески, Елизабета Канческа - Милевска, Диме Спасов, поранешните градоначалници Коце Трајановски и Маријан Ристески, поранешниот премиер Емил Димитриев и други.
Според агендата за работа изборот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ е 13 точка, а неговото обраќање е последна 16 точка.