Власта планира зголемување на јавниот долг за 1,8 милијарди евра во наредните три години. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сега ја критикува владата на СДСМ со речиси истите аргументи кои СДСМ ги користеше кога беше во опозиција, власта се брани дека одржливоста на долгот не е загрозена.
Во Фискалната стратегија на Македонија за периодот 2018-2020 година, се наведува дека јавниот долг до крајот на 2020 година ќе достигне 6,5 милијарди евра односно 53,5 отсто од БДП-то. Јавниот долг на крајот на септември годинава беше 4,7 милијарди евра, односно 45,8 проценти од БДП-то, а до крајот на годинава е предвидено да достигне 47 проценти.
Во стратегијата се наведува долгот ќе се движи во адекватни рамки и нема да биде загрозена неговата одржливост.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ММФ, пак, сугерира што е можно побрза фискална консолидација. Тие препорачуваат поефикасно собирање ДДВ, рационализација на субвенциите, пензиски реформи и повисоки даноци на горива и имот.
„Овие мерки ќе осигурат фискална одржливост и ќе помогнат да се обезбедат големите инвестициски потреби во инфраструктура и човечки капитал“, се вели во извештајот на ММФ објавен кон крајот на минатиот месец.
Во Министерството велат дека фискалната консолидација е веќе започната со предлог буџетот за 2018 година, во кој дефицитот се проектира на 2,7 отсто од БДП-то. Според фискалната стратегија, дефицитот постепено ќе се намалува и до 2020 година треба да се намали до 2,3 отсто од БДП-то.
Во Министерството посочуваат дека во наредните три години Македонија треба да врати над 1,7 милијарди евра за долгови и за камати. Наредната година за враќање доспеваат 510 милиони евра, во 2019 скоро 420 милиони, а во 2020 година треба да се вратат 810 милиони евра стари долгови. Во овие три години само за камати треба да се платат над 530 милиони евра.
ММФ не го дели оптимизмот на власта. Според нивните проекции, буџетскиот дефицит во наредните години ќе биде 3,7 отсто од БДП, а препорачуваат до 2022 година да се намали до два отсто.
Опозицијата, пак, критикува за расипништво и за брутална кражба на државните пари. СДСМ само до пред неколку месеци зборуваше дека Македонија е презадолжена земја и дека не смее да се помине границата од 50 проценти, а сега гледаме дека тие планираат за три години да ја достигнат од речиси 60 проценти од БДП-то, рече пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Едно е сигурно, оваа влада на СДСМ и на Заев со својата неодговорност ја турка Македонија кон грчко сценарио и тотален колапс на целокупната економија“, рече Данев на прес-конференција минатиот месец.
Пред само една година, СДСМ, тогаш како опозиција, критикуваше дека црвениот аларм е вклучен зашто јавниот долг ги надминал, како што велеа, критичните 50 проценти од БДП-то. СДСМ тогаш обвини дека јавниот долг од 4,7 милијарди евра е „историски највисок“. Критикуваа дека владата секој ден ја задолжува државата за 2 милиони евра и пресметуваа колку илјади евра е задолжено секое новородено бебе. Тие тогаш ветуваа дека ќе биде ставен крај на непродуктивните задолжувања.
Пред пет години, пак, СДСМ обвинуваше дека владата ја турка Македонија во грчко сценарио. Токму актуелниот министер Тевдовски во 2012 година од опозиција ја критикуваше тогашната власт дека го крие долгот и дека немилосрдно се задолжува.
„Со вакво темпо на задолжување, власта ја насочува државата кон должничка криза, банкрот, сличен на оној што му се случува на нашиот јужен сосед“, рече Тевдовски на 12 ноември 2012 година.
Во 2012 година долгот беше 38 проценти од БДП-то, за само по две години да се зголеми за една милијарда евра и да надмине 3,9 милијарди евра, односно 46 проценти од БДП-то.