Нискиот животен стандард, сиромаштијата, високата цена на електричната струја, а и на огревното дрво, им го отстапија местото на брикетите и пелетите, кои пак во својот состав имаат секаков отпад, вели Бобан Јаневски (45) единствен оџачар во Куманово, но и во соседните Општини Липково и Старо Нагоричане. Затоа, додава тој и среде зима има повеќе работа за чистење на оџаците кои се затнуваат, па и воздухот се загадува.
„Оваа сезона повеќе семејства се одлучија за греење со пелети, но не се многу задоволни, зашто многу брзо се полнат оџаците. Тоа влијае и на воздухот, гледате колку е загаден воздухот. Треба поредовно да се чистат оџаците, за да нема такво загадување. На десет години еднаш ги чистат оџаците и сакаат воздухот да биде чист. Во година најмалку еднаш, а задолжително три пати“, вели оџачарот Бобан Јаневски.
Тој вели дека брикетите и пелетите станаа и како моден тренд, а луѓето ги купуваат и затоа што зафаќаат помалку простор за чување, а се смета и дека имаат повисока енергетска вредност. И покрај тоа што за овој вид огрев се мисли дека е поекономичен, не се навлегува во тоа од што и како се изработува.
„Брикетите најповеќе ги затнуваат оџаците, зашто гледам дека изработката нивна се прави со пластика, со најлони и што уште не. Затоа брикетите најповеќе го загадуваат воздухот“, вели тој.
Оџачарот додава дека и структурата на дрвото е сменета во однос на пред неколку години, или децении, зашто сега се користат дрва кои се повеќе испуштаат смола. За илустрација наведува примери на негови муштерии кои со години користеле дрво за огрев, а оџакот го чистеле еднаш во годината, додека истите тие семејства последните години кога се префрлиле на брикети и пелети имаат потреба и по три пати да го чистат оџакот. Тој вели дека не е стручен подетално да зборува за загадувањето на воздухот, но смрадот што излегува од оџаците укажува на тоа дека луѓето бараат поевтини горива. Ако пред неколку децении за огрев се користел јаглен, чија цена била пониска од цената на дрвото, а со поголемо ослободување на топлина, сега јаглен нема. И тоа малку што го има не се знае со каков квалитет е.
Според оџачарот кому егзистенцијата во зимскиот период му зависи од чистење оџаци, подобро е повеќе да се користи цврсто гориво за затоплување, но како што вели, од друга страна пак луѓето не знаат дека оџакот треба редовно да се одржува, а и воздухот да не се загадува. Некои луѓе заради немање пари или некои стари навики сами се обидуваат да ги чистат оџаците иако немаат соодветен алат, а неретко се случува да не го исчистат добро и тој да се запали па да предизвика пожар.