Тешко до решение за името до наредниот самит на НАТО

Медијаторот Метју Нимиц со преговарачите Васко Намовски и Адемантиос Василакис

Не знаеме до каде е подготвеноста на Грција за компромис за решение на името, велат високи дипломатски извори по најавите дека прашањето може да се затвори во 2018 година. Според нив, за тоа да се случи потребни се отстапки од двете страни.

Се уште нема договор за спорот за името со Грција, ниту медијаторот Метју Нимиц дал некаков предлог за негово решавање, велат високи дипломатски извори. Според нив, прашање е дали спорот ќе може да се реши идната година. За тоа да се случи, како што тврдат, потребни се отстапки од двете страни. Медијаторот Нимиц по средбата со преговарачите на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис најави нова рунда на разговори за името во јануари, февруари и во март. Тој изрази и оптимизам дека прашањето може да биде затворено во 2018 година.

„Има очекувања во јавноста кои не се за очекување. Нема договор за спорот за името. Не знаеме до каде е подготвеноста на Грција за компромис“, велат високи дипломатски извори од Македонија.

Според нив, средбата била искористена за тоа како ќе одат насоките во преговорите, а очекуваат во некоја од наредните средби да се разговара и за евентуални предлози. Македонската страна е подготвена на отстапки и како пример го даваат преименувањето на аеродромот, но во исто време тоа го очекуваат и од Грција.

Тие додаваат дека во 2007 бил последниот сериозен обид за решавање на спорот, кој може да се спореди со атмосферата сега. Постои сомнеж, како што посочуваат, и за тоа дали би се изградил консензус по прашањето во земјата и потребно е да се смени јавниот наратив во јавноста и во Македонија и во Грција. Ставот на Владата, како што посочуваат, е поинклузивен процес за спорот за името во Македонија. Додаваат дека Македонија се вратила во игра на европскиот пат и дека сега има втора шанса.

Бугарија го презема претседавањето со ЕУ. Се создава шанса за сите земји. Можно е Македонија да добие препорака за влез во ЕУ и пред април во зависност од проценката на ЕУ. Главна пречка е спорот за името, но прашањето не може да се изолира од резултатите дома“, велат тие.

Тие истакнуваат и дека е сосем извесно оти Македонија ќе се најде во стратегијата за проширување на ЕУ, која ќе биде објавена во февруари.

Политиката на отворени врати на НАТО, според дипломатските извори, ја поддржуваат поважните земји-членки, но Македонија потребно е да го зголеми буџетот за одбрана, како и да се убеди Алијансата дека земјата е одлучна да го продолжи реформскиот пат, бидејќи освен спорот за името и тие се од клучно значење за интеграцијата на земјата. Генералниот секретаријат на НАТО, наведуваат, во април ќе подготви извештај за тоа до каде е Македонија во обидите за решавање на спорот за името со Грција и спроведувањето на потребните реформи. Но, според нив, прашање е дали има доволно време до самитот на НАТО на 11 и 12 јули, кој ќе се одржи наредната година во Брисел, Македонија да стане членка на Алијансата.

Нимиц рече дека Македонија и Грција побарале да ги интензивира напорите и дека прашањето за името може да биде решено следната година. Тој порача дека по толку многу години, нема да се појави магично ново име, туку решението ќе биде најдено со политичка волја и добра дипломатија. Нимиц посочи дека не дал нов предлог, туку ги слушал двете страни, кои, според него, се подготвени да ја слушнат позицијата на другиот.