Оптимизам за брзо решавање на спорот за името

Средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас во Скопје на 31.08 2017 година.

Реална шанса за решавање на спорот за името гледаат дел од домашните експерти по средбата на медијаторот Нимиц со преговарачите на двете земји. Според нив, хоризонтите се јасно поставени, а и на двете страни им одговара стабилен регион.

Поставени се јасни хоризонти за натамошно продолжување на дипломатските преговори за решавање на спорот за името, оценува домашната стручна јавност по вчерашната рунда преговори во Брисел. Професорот Нано Ружин вели дека најавите за интензивирање на динамиката на преговорите, произлегуваат од позитивните дипломатски и политички односи со соседите.

„Со полн оптимизам можеме да го очекуваме одвивањето на преговорите, бидејќи не е покажан некаков „мек хегемонизам“ од кој било актер, пред се, од Атина. Второ очекувам да се преговара конкретно, за името, претпоставувам со географска одредница. Исто така пак нема да се преговара за идентитетските прашања, и сметам дека на тој начин се постигнати сите неопходни овие елементи за решавање на ова прашање кое е старо повеќе од 20 години,“ изјави Ружин.

Доаѓа време кога конечно овој проблем треба да се разреши и Македонија да зачекори во НАТО и ЕУ, зошто во дипломатските преговори колку повеќе е старо едно прашање, толку потешко е неговото менување, додава Ружин.

И професорот Мерсел Биљали, кој е и надворешен советник во Влада, е оптимист дека ова прашање може скоро да се реши. Тој вели дека политичката клима во земјава, подобрените меѓусоседски односи и евроатланската агенда на земјава се своевиден притисок за конечно затворање на прашањето за името.

„Мислам дека Грција е свесна дека геополитиката веќе не поднесува соло игра, оти секоја дестабилизација што може да и се случи на Македонија, може и на Грција. И затоа притисокот на меѓународната заедница е во насока на помагање на Македонија за да се стабилизира и унапредува целиот регион,“ изјави Биљали.

Иако ова прашање стои отворено две децении, аналитичарите оценуваат дека оптимизмот истото да се затвори наредната година е реален. Тоа според нив се должи на три фактори. Поволниот структурен контекст за преговори, односно геополитичките интереси, влијанијата на Вашингтон и Брисел и однесувањата на македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас. Второ, неоптовареноста на двајцата премиери со национализам и иредентизам. Третиот фактор, според упатените, е создадената критичка маса кај македонската и грчката интелектуална елита.

По вчерашната средба во Брисел, медијаторот Метју Нимиц рече дека прашањето за името може да биде решено следната година. Тој изјави дека не дал нов предлог, туку ги слушал двете страни, кои, според него, се подготвени да ја слушнат позицијата на другиот. Медијаторот изјави дека по толку многу години, нема да се појави магично ново име и дека решението ќе биде најдено со политичка волја и добра дипломатија.

Медијаторот во Брисел разговараше со преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, по подолга пауза во разговорите за името. Последната формална рудна разговори под медијаторство на ОН со преставниците на двете земји се одржа во Њујорк во 2014.