Членовите на ДИК на неколку наврати си доделиле бонуси во висина на неколку плати, дури и за изборите кои не се одржаа. Пратеници на име на патни трошоци за една година инкасираат пари за да можат да си купат нов автомобил. Државни службеници патуваат со авион со прва класа, преноќуваат во луксузни хотели. Досега имаше и примери кога со службена платежна картичка функционери си пазареле за дома, си купувалe облека и накит, јаделе специјалитети кои чинат неколку илјади денари. И сето тоа, како што се правдаат, било според закон и правилник, но таквите случаи предизвикаа жестоки коментари во јавноста.
Поранешниот член на Државната антикорупциска комисија Ариф Муса вели дека функционери ги злоупотребуваат правилниците за работа и законите, кои сами си ги носат, па затоа предлага нивно допрецизирање.
„Треба попрецизна работа и контрола од Парламентот и ревизијата која им се прави, да се разгледаат тие правилници, не може тие да потрошат толку многу средства на дополнителни приходи. Може и да се интервенира во законот и да се предвиди дека нема да имаат други дополнителни приходи, така може да се интервенира малку“, вели Муса.
Тој додава дека државните органи се заробени од корупција. За оваа власт да не се служи со алатот на старата, потребна е цврста одлука за да и се застане на патот на корупцијата, а потребна е и казнивост, вели тој.
Државните службеници, според закон, освен плати добиваат и други додатоци за посебни услови за работа, за надоместоци за патни трошоци за службени патувања дома и во странство, трошоци за користење сопствено возило за службени цели, одвоени живот од семејство... Ако државен службеник посебно се ангажира во извршување на работата, може да добие награда во висина до една негова плата, а за тоа одлучува министерот или функционерот кој раководи со органот. Одредени институции имаат посебни правилници за работа, според кои можат да си доделуваат пари за дополнителни трошоци и бонуси.
Владата бара кратење на непродуктивните трошоци
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски запрашан дали Владата дискутирала за бонусите во ДИК, рече дека Државната изборна комисија е независна институција и Владата не може да се меша во тоа како комисијата си го распределува буџетот. Тој додава дека ставот на Владата е дека мора да се скратат сите непродуктивни трошоци.
„Владата на Република Македонија многупати досега се има изјаснето дека сите овие да ги наречеме ненаменски трошења на пари, непродуктивни трошоци, дека е потребно нивно кратење во целост и превенирање во иднина да не се случуваат вакви работи“, истакна Бошњаковски.
Сиромашни граѓани, богати функционери
Професор Темелко Ристески од Универзитетот ФОН, чија стручна област е јавната и државна администрација, вели дека треба да се започне проект со кој ќе се разбива алчноста на луѓето кои се на функција. Тоа е проект за кој ќе треба повеќе време, вели тој.
„Тие се сервис на граѓаните и не треба да ја користат својата функција да ги ограбуваат граѓаните. Онаму каде е направена очигледна злоупотреба на власта, на позицијата, работата во свои раце треба да ја земат и органите на кривично гонење, обвинителствата пред сè и тие злоупотреби да се санкционираат“, вели Ристески.
Тој вели дека од една страна имаме сиромашни граѓани и институции кои немаат пари да ги извршат своите обврски кон граѓаните, а од друга страна некој зема баснословни суми кои очигледно не одговараат на реалните трошоци.
„Треба да се работи на развивање на моралната одговорност, граѓаните треба да вршат страшен притисок нивните пати да не се трошат на таков начин, тука се работи за злоупотреба на позицијата, за злоупотреба на службата, јавната функција треба да се извршува чесно, совесно, одговорно, и што е можно поекономично, а не да се користи за лично богатење, кај нас за жал јавната функција се користи за лично богатење“, вели тој.
Досега, Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности во работата на државните инситуции, но сè останувало на тоа, ретко кога останатите институции кои треба да утврдат дали е извршено кривично дело го казнуваат сторителот. Затајувало Јавното обвинителство до кое се испраќа ревизорскиот извештај, затајувала и Државната Антикорупциска комисија, која најчесто изостануваше со мислења за клучни случаи. Според експертите, клучна улога треба да одигра и Собранието за органите кои ги формира и да лоцира кој треба да ја понесе одговорноста за евентуални злоупотреби на државни пари и службена положба.