Струга на почетокот од декември тековнава година за првпат добива филмски фестивал. И, тоа не било каков туку на краток ангажиран филм. Налик на веќе етаблираниот „Астерфест“, но и со заложба силно да го разбранува не само локалното (суб)културно мртвило, туку и да проговори за актуелниот миг во современата македонска кинематографија и на виделина да ги извади авторите кои во своите дела се бават со силни општествени теми. Со нашата сурова реалност.
Од таму, под слоганот „Дајте ми добра приказна, а реалноста ќе ја следи“, од 8 до 10 декември, во Спомен домот „Браќа Миладиновци“, ќе се одржи нултото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short“.
Всушност, „Drim Short“ е идеја што силно ја потпираат неколкумина млади филмски творци како Лидија Мојсовска, Јаков Попоски, Никола Матоски и Раде Гогоски собрани околу Здружението за независен културен активизам ИНКА, кои се надеваат на создавање на филмска традиција и продукција во градот, а со тоа да придонесат кон континуитетот во културниот живот и, пред сè, да ја вратат кај стружани навиката за одење во кино.
„Нултото издание на „Drim Short“ практично е хируршка интервенција на културниот живот во Струга. Ние сметаме дека токму културниот живот во овој град е некако на работ на постоењето или непостоењето особено во овие месеци – од септември некаде до март, или дури до мај, кога практично ништо не се случува. Сакавме да направиме еден филмски фестивал, фестивал на краток филм кој е сега втор од ваков тип во Македонија. Затоа решивме да направиме една ваква иницијатива која и на градот ќе му донесе нова карактеристика, нов карактер, и дека сето тоа ќе прерасне во традиција и ќе се роди една филмска традиција во Струга“, вели Лидија Мојсовка.
А, во рамките на тродневната програма на ова нулто издание на „Drim Short“ ќе бидат прикажани „STUDaNTS“ на Тамара Котеска (добитник на наградата „Најдобар балкански филм“ во официјална конкуренција на Интернационалниот фестивал на документарен филм во Тирана), краткиот игран филм „50 Литри“ на Кристина Ризоска, „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ ( добитник на Големата награда на фестивалот во Нанси, Франција), „Oops“ на Берат Асани и „First Kiss“ на Нора Сарак – студенти на тетовскиот универзитет, многунаградуваниот „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска, „Направи сам“ на Андреј Георгиев, „On Bike“ на Горјан Атанасов, одличниот документарец за животот во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје - „Зелени ѕидови, црна храна“ на Сандра Ѓоргиева ( прикажан на фестивалот во Сараево, Босна и Херцеговина), краткиот филм за секојдневието на еден гејмер „Дете“ на Радован Петровиќ, „Сценариото“ на Раде Спасиќ, „Флуктуација“ на Раде Гогоски и Јаков Попоски, „Елена“ на Дина Дума чија светска премиера беше на Фестивалот за нов филм во Монтреал, во Канада, „Looking Away“ на Џејк Ремзи, „Conversation on Life“ на Агим Абдула, „Отров“ на режисерот и сценарист Дејан Џолев и „The End“ на Димитар Банов.
Она што е особено интересно и што на „Drim Short“ му дава засебна промислена вредност е што во рамките на фестивалот ќе се одржи дискусија на тема „Социјална ангажираност во новиот македонски филм“ со Иво Бару и Ѓорѓи Пулевски.
„Сакавме да потенцираме социјална ангажираност во време кога треба да се потенцира тоа. Сметаме дека сега е време за исполнување на оваа тема. Згора на тоа сакавме и да поттикнеме дискусија за тоа дали во Македонија има тло или дали има шанса и можност да се појави нов македонски филмски бран по примерите на другите европски кинематографии. Не мора да значи дека Струга е местото кадешто треба да се разговара за ова, но мора од некаде да почне оваа дискусија. Мислам дека се гледа преку овие филмови дека младите автори имаат потенцијал за создавање на нешто ново и автентично и дека конечно се занимаваат со сегашноста, со сегашните проблеми носејќи со себе некаква социјална ангажираност“, смета Мојсовска.
Режисерката токму во рамките на програмата на нултото издание на „Drim Short“ по прв пат во родниот град ќе го претстави и својот филм „Награда“, кој премиерно беше прикажан и освои специјална награда од жирито на филмскиот фестивалот во Темишвар, Романија. Успехот беше повторен на фестивалот „Слободна зона“ во Белград, соседна Србија, каде Мојсовска доби награда од публиката, а по убавиот прием на „Синедејс 2017“, „Награда“ патува во Рим, Италија и уште на неколку други значајни филмски настани.
Кон ова само уште и информацијата дека во рамките на придружната програма на Фестивалот ќе биде прикажана театарската претстава „А што потоа?“ во режија на Драгана Стојчевска, згора на тоа публиката ќе има можност да се забавува и со диџеј-сетовите на Душко Јаневски и Бодан Јамакоски, а целото случување е поддржано од Министерство за култура и се одвива во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“ во соработка со фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје.